Министерот за здравство Сашо Клековски вели дека финансирањето ќе биде комбинирано од двете меѓународни институции, а Министерството за финансии ја оценило оваа понуда како поповолна поради подолгиот рок на отплата и вклучената грант-компонента

Министерството за здравство се подготвува за потпишување меморандум со Светската банка и Европската инвестициска банка (ЕИБ) за финансирање на капиталните инвестиции во клиничките болници во Штип, Тетово и Кичево.
Финансирањето ќе биде комбинирано од двете меѓународни институции, а Министерството за финансии ја оценило оваа понуда како поповолна поради подолгиот рок на отплата и вклучената грант-компонента. Ова денеска го кажа министерот за здравство Сашо Клековски на прес-конференцијата на која информира за епидемиолошката состојба со западнонилската треска во земјава.
Најавата од министерот Клековски дека болниците ќе се градат, односно реконструираат со средства од Светска банка и ЕИБ е новина во однос на претходните најави дека парите за нив ќе се обезбедат преку договорот „влада со влада“ меѓу Велика Британија и Северна Македонија, потпишан пред повеќе од една година.
Тој вели дека најнапредната е болницата во Штип каде што карабината е затворена со најголем дел од инсталациите. Побарано било да се направи повторен пресек на завршените работи бидејќи на објектот подолго време не се работи и да се провери дали е нешто оштетено или украдено.
„Треба да направиме и ревизија на проектот бидејќи е од 2013 година, и некои аспекти од здравствено-медицински аспекти се сменети. Да видиме дали тој проект е по стандардите“,
рече Клековски.
Тој најави дека многу бргу ќе биде распишан тендер за завршување на првата фаза од болницата во Штип, проект кој е предвиден во две етапи.
„Прво се завршува новата зграда, а потоа се рушат дел од старите згради и се доградува дијагностичкиот дел на местото каде што се сега некои од старите објекти. Еден стар објект ќе биде зачуван за палијативна нега“,
рече Клековски одговарајќи на новинарски прашања.
Министерот изјави дека негов главен приоритет е брзо завршување на проектите што се најблиску до финализација, наместо долгорочни и неизвесни инвестиции.
Проектот во Тетово, рече тој, е во напредна фаза, а за сите три главни објекти – Штип, Тетово и Кичево веќе е формиран работен тим кој секојдневно комуницира со Светска банка.
Поради демографските промени, започнатиот објект во Кичево е преголем за потребите на општината. Поради тоа, се разгледува алтернативна локација на земјиште на Министерството за одбрана во старата касарна на влезот во Кичево, што ќе овозможи полесен пристап за амбулантните возила и пациентите.
„За сите три проекти Светската банка има свои прашања, одговори, комуницираме дневно, го формиравме тимот што ќе работи на тоа. Тоа е во апсолутните приоритети“,
додаде Клековски.
Клековски во одговорот додаде и дека веќе е распишан јавен повик за реконструкција на објектот на болницата „Св. Еразмо“ во Охрид, за кој договорот беше раскинат уште во 2017 година и оттогаш немаше никакви активности.
Прашан во врска со нов клинички центар во Скопје, рече дека треба да бидеме свесни и за финансиските и за организациските аспекти и дека негов фокус како министер е прво да се заврши она што е пократкорочно.
Инаку, премиерот Христијан Мицкоски во јуни минатата година рече дека со рамката што начелно е договорена со Обединетото Кралство ќе се работи на завршување на Клиничката болница во Штип, нова зграда за Медицинскиот факултет заедно со студентски дом со 200 легла, реконструкција на Клиничката болница во Тетово, како и завршување и изградба на болница со проширена дејност и здравствен дом во Кичево.
Претходно во мај, британскиот амбасадор Метју Лосон, во врска со договорот „влада со влада”, во интервју за „360 степени“ рече дека Владата ги навела двата приоритета – брзата железница и здравствениот сектор – болници.
Тој рече дека преку договор „влада со влада“, британската страна нуди финансиска поддршка од околу две милијарди фунти, како и техничка експертиза според британски стандарди.
Како што истакна Лосон, граѓаните може да очекуваат квалитетна и брза изградба на инфраструктурните проекти, поддржана од водечки британски институции и стручњаци.
Во рамките на соработката, Велика Британија ќе обезбеди специјалисти од нивниот систем за јавно здравство кои директно ќе соработуваат со македонската влада при изградбата и опремувањето на болниците.
Финансирањето, рече тој, е предвидено преку британската извозна финансиска рамка која е со вкупен фонд од пет милијарди фунти.
„Досега владата разгледува искористување на околу 2 милијарди фунти, што е малку повеќе во евра, за стратешките проекти во железницата и болничката инфраструктура“,
рече Лосон.
