Откако СДСМ ги посочи Мирјана Насковска и Тони Илиев како „инспектори од доверба“ на ВМРО-ДПМНЕ, од ресорното министерство велат дека структурата на Инспекторатот е идентична од времето на минатата власт. Велат дека Инспекторатот врши редовни контроли врз работењето на образовните установи и постапува по претставки кои се распределуваат во зависност од моменталниот расположлив кадровски капацитет
Министерството за образование и наука (МОН) ги отфрли како манипулативни наводите што денеска ги изнесоа од опозицискиот СДСМ – дека власта преку двајца инспектори од Државниот просветен инспекторат врши хајка кон директори на средни училишта кои се партиски неподобни.

Откако СДСМ ги посочи Мирјана Насковска и Тони Илиев како „инспектори од доверба“ на ВМРО-ДПМНЕ, од ресорното министерство велат дека структурата на Инспекторатот е идентична од времето на минатата власт.
„Основна законска надлежност на Државниот просветен инспекторат е да спроведува редовни контроли врз работењето на образовните установи и да постапува по претставки и иницијативи на граѓани, кои се распределуваат во зависност од моменталниот расположлив кадровски капацитет на институцијата. Секаде каде што ќе се констатираат неправилности, се преземаат соодветни мерки. Неверојатно е како оваа политичка партија секогаш застанува во одбрана на противзаконското работење и поддржува непочитување на правниот систем“,
велат од МОН.
Во однос на случајот со СУГС „Панче Арсовски“ од Скопје, кое беше посочено на прес-конференцијата на СДСМ, од МОН велат дека во средното училиште биле констатирани неправилности во работењето и дека е постапено согласно законските прописи што, како што велат, од СДСМ го сметаат за политичка пресметка.
„Очигледно е дека нивната болка е што конечно образованието го добива потребното внимание од една влада. Стопиран е слободниот пад и расчистен е хаосот кој го создадоа четири министри за образование во седумгодишното владеење на СДСМ“,
се додва во реакцијата на МОН.
СДСМ претходно денеска обвини дека двајца инспектори од Државниот просветен инспекторат периодов вршат хајка кон директори на училишта кои не се партиски послушници. Според СДСМ, на директори на училишта им се врши притисок да поднесат оставка или да се откажат од функцијата пред истекот на нивниот мандат.
