Демонстрантите во Балтимор во текот на ноќта ја отстранија статуата на Кристофер Колумбо и ја фрлија во пристаништето во водите на Атлантскиот океан.

Како што се гледа на снимките објавени на социјалните мрежи демонстрантите користеле јажиња за да ја турнат статуата во близина на квартот Мала Италија, а потоа делови од неа фрлиле во вода.
Статуата на Колумбо била поставена во 1984 година и е во сопственост на градот.
За време на протестите по смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд во текот на полициско приведување, цел на напади беа статуите на Колумбо и други личности од времето на колонијализмот.
Статуите на Колумбо досега се урнати или вандализирани во неколку американски градови, вклучувајќи ги Мајами, Бостон, Ричмонд и Сент Пол.
Славниот истражувач го поврзуваат со геноцид и експлоатација на домородците во Северна и Јужна Америка.