Американскиот рапер Кање Вест синоќа на Твитер објави дека ќе се кандидира на ноемвриските претседателски избори во САД.
„Сега мора да го исполниме ветувањето на Америка со верување во Господ, обединување за нашата визија и изградба на нашата иднина. Јас се кандидирам за претседател на САД“,
напиша Вест на Твитер.

Се уште не е познато дали Вест, кој досега по своите ставови е силен поддржувач на политиката на актуелниот претседател Доналд Трамп, навистина има намера да се кандидира, на четири месеци пред изборите, закажани за 3 ноември, и дали и официјално поднел кандидатура.
Во голем број сојузни држави се уште не е завршен крајниот рок за додавање на независните кандидати на гласачкото ливче.
Најновата објава на американскиот рапер предизвика лавина реакции кај неговите 29 милиони следачи на социјалната мрежа.
Еден од оние кој веднаш го поддржа е главниот извршен директор на Тесла, Елон Маск.
„Ја имаш мојата целосна поддршка“,
напиша Маск.