Центарот за управување со кризи сподели видео снимено од воздух на кое се гледа шумскиот пожар што гори на територијата на Општина Студеничани над селата Моране, Вртекица и Рамни Габер, каде што гори мешана шума

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека вкупно 13 пожари на отворен простор низ државата се регистрирани денеска до 13 часот. Од нив, девет се сè уште активни, два се под контрола, а останатите два се изгаснати.
Според ЦУК, од активните пожари, во Општина Студеничани гори мешана шума. Ниска вегетација гори во општините Велес, Прилеп, Струга, Новаци, Македонски Брод и Могила. Ниска вегетација и багреми горат во регионот на село Муждивњак, Општина Крива Паланка. Ниска вегетација и викендица се опожарени на магистралниот пат Прилеп – Битола.
„Во шумата над селото Габер пожарот е проширен, но ситуацијата кон населените места во селото Габер е под контрола и во моментов не претставува опасност за жителите. Поради тоа што пожарот се наоѓа во планински и непристапен терен, каде што интервенцијата од земја е отежната, во овој момент ќе интервенираат три авиони ‘ертрактор’ на Дирекцијата за заштита и спасување, како и еден авион на Министерството за внатрешни работи. Пожарот се движи во правец на селото Вржале, поради што состојбата внимателно се следи и екипите се на терен“,
соопшти директорот на ЦУК, Мухамед Али.
Под контрола се држат пожарите на градската депонија во Општина Делчево и во регионот на кичевското село Манастирско Доленци, каде е опожарена нискостеблеста деградирана шума.
Како што соопшти ЦУК, изгаснатите пожари биле на територијата на општините Босилово и Јегуновце. Во селото Старо Балдовци гореле ниска вегетација и шамак, додека на подрачјето на село Копанце – шума и ниска вегетација.
