Од опозициската партија истакнаа дека појавата на повторно заболени лица е сериозен показател дека изворот на загадувањето сè уште не е ставен под контрола, а граѓаните остануваат изложени на ризик среде лето и високи температури

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска алармираше дека има дополнително влошување на здравствената криза во Гостивар, посочувајќи дека веќе пет недели граѓаните немаат безбедна вода за пиење и дека во градот се регистрираат нови случаи, па дури и реинфекции кај затруените граѓани.
Од опозициската партија истакнаа дека појавата на повторно заболени лица е сериозен показател дека изворот на загадувањето сè уште не е ставен под контрола, а граѓаните остануваат изложени на ризик среде лето и високи температури.
„Додека граѓаните пет недели чекаат чиста вода, здравствената катастрофа не стивнува. Има случаи на реинфицирани граѓани – луѓе кои повторно се затруени. Ова е сериозен аларм дека ризикот не е отстранет. Пет недели Клековски и Мицкоски даваат различни изјави и ветувања дека проблемот е пред решение, а решение нема. Си играат со здравјето на жителите додека 5 000 граѓани се засегнати“,
рече Кети Штерјова на денешната прес-конференција.
Од СДСМ исто така обвинија за нетранспарентност и криење информации од страна на институциите, нагласувајќи дека досега не е објавен официјален извештај, ниту анализа за тоа кој одобрил водата да се користи како техничка, иако било потврдено присуство на повеќе видови бактерии.
„До 20-ти август, за кога Клековски најави дека ќе бидат готови резултатите од анализите, опасноста од нови и реинфицирани случаи е присутна“,
рече Штерјова.
Од СДСМ и денеска упатија критики до министерот за здравство Сашо Клековски и премиерот Христијан Мицкоски за доцнење во сите чекори – од прогласувањето на епидемијата до преземањето заштитни мерки. СДСМ побара реакција од Јавното обвинителство, порачувајќи дека за труењето на градот мора да има и политичка и кривична одговорност.
Претходно од СДСМ преку соопштение го критикуваа премиерот обвинувајќи го за игнорирање на кризата со водата за пиење во Гостивар, која трае веќе пет недели и дека ниту еднаш не го посетил градот за да ги види проблемите на терен, туку, наместо тоа, заминал на годишен одмор.
