Прашањето го постави новинарот на германски „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, Михаел Мартенс, што покрена лавина негативни коментари против него во Србија, повици да биде протеран од земјата, па дури и смртни закани

Извор: Н1
Михаел Мартенс, дописник на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ), на прес-конференцијата (вчера во Белград, н.з.) го праша Володимир Зеленски „што можат Европејците да направат за да му помогнат да убие повеќе Руси, односно руски војници“. Се чини дека токму тоа прашање е единственото што остана запаметено од вчерашното обраќање на двајцата претседатели во Палатата Србија.
Мартенс го постави прашањето откако на прес-конференцијата го повика советничката на претседателот за медиуми, Сузана Васиљевиќ, како единствен новинар кој не работи ниту за украински ниту за српски медиуми.
Инаку, пред конференцијата, на новинарите им било кажано дека прашања ќе можат да постават само еден украински и еден српски новинар.
Новинарот Веран Матиќ вели дека тоа е прашање што во себе содржи став – на што новинарот има право, но дека тој лично никогаш не би го формулирал на таков начин од етички причини.
„Можеби Михаел сакал да го засили значењето на темата што ја отвори. Претпоставувам дека сакал да каже дека Европа недоволно ѝ помогнала на Украина, дека таа помош не е доволно ефикасна за да може да се пружи отпор. Потоа и самиот објасни на социјалните мрежи дека, за жал, војните се добиваат така што се убиваат луѓе“, вели Матиќ.
Тој потсетува дека Мартенс не е новинар што вообичаено известува од прес-конференции, па неговото доаѓање на оваа очигледно имало некаква намера.
„Верувам дека имал и сигнал дека ќе добие можност да го постави своето прашање. Тешко е да се избориш меѓу толку многу новинари. Така што сигурно го подготвил. Не знам дали имал таков вид комуникација и со оние на кои им го постави прашањето. Со претседателот Вучиќ сигурно има прилично добра комуникација“, наведува тој.
Тој додава дека ова прашање одекнало и во Москва, каде што било нагласено дека е поставено – во Белград.
„И тоа секако е нешто што ќе му ги отежни односите на Вучиќ со Русија. Но, некои прашања и постојат само за да бидат слушнати, а не и одговорите“, објасни тој.
Прашањето во руските медиуми
Новинарката од надворешнополитичката редакција на Н1, Александра Годфроа, истакнува дека било необично што на прес-конференцијата (по повод билатерална средба) можност да постави прашање не ѝ била дадена, на пример, на светска агенција како Ројтерс, туку на германскиот ФАЦ.
Без да го оспорува тој избор, таа се согласува дека целата конференција сега, сепак, останала запаметена по само едно прашање.
„Сметам дека секој новинар има право да праша што сака, да го формулира своето прашање како што сака, да провоцира и така натаму. Сепак, тоа право не ве ослободува од одговорноста за последиците од таквото прашање. Притоа, сакам да нагласам: под последици апсолутно не ја подразбирам актуелната хајка против Мартенс, повиците на Вулин тој да биде протеран од земјата, најгрозните називи со кои го нарекуваат на неговиот профил на X, ниту физичките закани, кои се за секаква осуда, а некои и за кривично гонење“, наведе таа.
Под одговорност таа подразбира дека вака формулираното прашање звучело како целта на Украина и на Володимир Зеленски да е да убиваат руски војници.
„Целта на Украина е да ја одбрани својата земја од нападот на руската војска, која, меѓу другото, убива украински војници и украински цивили, често намерно. Сите знаеме дека војната е убивање. Истакнувањето на тоа, според мене, води кон тоа целата приказна да се искористи во смисла на ‘ете го злобниот Запад’. И руските медиуми го искористија тоа, што повторно не е одговорност на Мартенс, туку на тие медиуми“, наведе таа.

Таа рече дека не се сеќава некој украински функционер некогаш да кажал нешто слично.
Во јавноста можеше да се слушне дека прашањето било поставено како стапица или намерна провокација кон Вучиќ или Зеленски.
Годфроа потсетува дека прашањето му било поставено на Зеленски и дека неговата суштина, според нејзината оценка, била „што ви е потребно за да победите“, па не верува дека би имало поинаков ефект доколку било поставено во Киев или во некој друг град, освен што не би предизвикало толку сериозна хајка против Мартенс.
Мартенс: Скандалозна е војната на Путин против Украина
На својот профил на X, Мартенс реагираше на насловот и текстот на руски „Спутник“, кој прашањето го нарече скандалозно.
„Не, драги пријатели од Спутник, не е ‘скандалозно’ да го прашате украинскиот претседател како Европа може да ѝ помогне на Украина да убие повеќе Руси. Тоа е она што е потребно. Она што е скандалозно е војната што вашиот спонзор Путин ја започна против Украина“, напиша тој.
Додаде дека и претходно зборувал оти војните се добиваат „со убивање, и на оние луѓе кои не се зли, но кои мора да бидат убиени за да се порази злото“.
Иако во текот на целиот ден му биле упатувани закани, Мартенс вчера напиша дека истата вечер ќе оди во кафеана и наведе во која.
Реакциите на Вучиќ и Зеленски
Иако прашањето за „убивањето Руси“ не му беше упатено нему, Александар Вучиќ, како и другите присутни во салата, реагираше со чудење.
„Ние денес не разговаравме за воена соработка. Што ќе биде кога ќе заврши војната, тоа е друга работа. А што се однесува до убивањето, се надевам дека убивањето ќе престане“, му одговори Вучиќ на Михаел Мартенс, а потоа продолжи да зборува за тоа колку е скептичен дека проширувањето на Европската Унија ќе се случи брзо.
Зеленски, надоврзувајќи се на зборовите на Вучиќ, најпрво рече дека Украина, како земја во војна, го нема луксузот да биде скептична.
Потоа одговори на прашањето што му беше упатено.
„Кога станува збор за тоа што ни е потребно од Европа, верувам дека ни е потребна поголема поддршка, со сета почит кон сите. Ни требаат повеќе финансии за да продолжиме да се бориме. Тие пари да ги распределуваме низ Украина, затоа што Украина е таа што се бори. Така што, мораме да се бориме за секоја паричка, секој ден“, рече тој.
