Хорхе Меси, таткото на ѕвездата на светскиот фудбал, Лионел Меси, почина на 68 годишна возраст, соопшти медицинскиот центар „Санаторио Центро“ во Росарио, Аргентина, каде тој бил на лекување
Причината за смртта нема да биде објавена на барање на семејството. Од Хорхе Меси се простија од Њуелс Олд Бојс, клубот од Росарио во кој Лионел Меси ги направи првите фудбалски чекори пред да замине во Европа.

„Неговата постојана поддршка и лидерство зад сцената беа од суштинско значење за секој чекор на Лионел, од неговите почетоци до најголемата слава во светскиот фудбал“,
напишаа од Њуелс Олд Бојс.
Сочувство изрази и Аргентинската фудбалска асоцијација која соопшти дека со „тага и жалење“ ја примила веста за смртта на таткото на капитенот и еден од најголемите симболи на аргентинскиот фудбал.
Пораки со сочувство испратија и Јужноамериканската фудбалска конфедерација КОНМЕБОЛ, Шпанската фудбалска федерација, како и УНИЦЕФ, чиј амбасадор на добра волја е Лионел Меси.
Хорхе Меси со децении беше една од најважните личности зад кариерата на својот син. Тој, и како агент, го придружуваше низ клучните моменти – од преселбата во Барселона и годините на најголемите успеси во шпанскиот клуб, преку заминувањето во Пари Сен Жермен, до трансферот во Интер Мајами. Беше покрај него и за време на успесите и разочарувањата со аргентинската репрезентација.
Веста за неговата смрт доаѓа неколку недели откако семејството јавно соопшти дека Хорхе Меси имал здравствени проблеми и бил под лекарски надзор за време на Светското првенство во 2026 година. Тогаш беше наведено дека неговата состојба се подобрува.
Засега не е познато дали неговата смрт е поврзана со здравствени проблеми што тој ги имал во минатото.
