Возачот го напуштил местото без да укаже помош

Полицијата привела трет учесник во вчерашната сообраќајна несреќа на патот од Радишани кон Побожје во која загина загина 19 годишен мотоциклист, а беше повреден и возачот на „алфа ромео“, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Оттаму велат дека по увидот и обезбедениот видео запис од местото, дојдено е до сознание дека во предизвикување на несреќата учествувало и трето возило. Возачот го напуштил местото без да укаже помош.
„Дојдено е до сознание дека во предизвикување на несреќата, но без физички контакт, учествува и патничко возило ‘сеат алтеа’ со скопски регистарски ознаки, по што возачот со возилото го напуштил местото без да им укаже помош на повредените. По дополнително преземени мерки, околу 19:40 часот во село Арачиново, скопско, пронајдено е возилото и возачот С.О.(46) од село Арачиново. Тој е лишен од слобода, спроведен е во полициска станица и со него е извршен службен разговор. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава“,
велат од МВР.
Вчера напладне, на улицата „Радишанска“ се судрија патничко возило „алфа ромео“ со италијански регистарски ознаки, управувано од С.Б.(47) од Скопје со привремен престој во Скопје и мотоцикл „кавасаки“ со скопски регистарски таблички, управуван од Н.М.(19) од селото Побожје, скопско.
Од здобиените повреди на местото на несреќата починал младиот мотоциклист,а по наредба на јавен обвинител телото е дадено на обдукција. На другиот возач во ЈЗУ „Св.Наум Охридски“ му биле констатирани телесни повреди.
