Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, се соочува со една од најголемите кризи во десетгодишното владеење со светската фудбалска организација. Пропаѓањето на планот за продажба на дел од комерцијалните права на ФИФА, неговите блиски односи со политички лидери и серијата контроверзни одлуки ги продлабочија поделбите во светскиот фудбал, пишува Би-би-си
Во центарот на последната криза е проектот „ФИФА Форвард Ентерпрајз“, кој предвидувал продажба на 21 отсто од комерцијалниот бизнис и бизнисот со билети на приватни инвеститори. Планот, чија вредност се проценувала на околу 20 милијарди долари, пропадна, а Инфантино подоцна се извини.
Според Би-би-си, дополнителна контроверзија предизвика откритието дека меѓу потенцијалните инвеститори била компанија поврзана со братот на Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.
Последиците се сериозни. УЕФА се закани со бојкот на натпреварувањата под капата на ФИФА, а дел од европските фудбалски структури сметаат дека начинот на кој Инфантино управува со организацијата станал неодржлив.

Сепак, Инфантино и натаму располага со силна поддршка надвор од Европа, особено меѓу африканските и јужноамериканските федерации, поради што засега не покажува намера да се повлече.
Приватни авиони и милионски плати
Инфантино беше избран за претседател на ФИФА во февруари 2016 година, наследувајќи го Сеп Блатер. Претходно помина повеќе од 15 години во УЕФА, каде што од 2009 година беше генерален секретар.
Неговиот претседателски стил во меѓувреме стана тема сам за себе. Би-би-си го опишува пристигнувањето на состанок на ФИФА во Рабат со колона црни „мерцедеси“ и полициска придружба. За патувањата на располагање му бил и приватен авион на „Катар ервејз егзекјутив“, со кој за време на Светското првенство во 2026 година можел да реализира и по три лета дневно за да присуствува на различни натпревари.
Неговите приходи, исто така, значително се зголемиле. Од околу 1,3 милиони фунти годишно во 2016 година, Инфантино сега, според Би-би-си, заработува околу четири милиони фунти годишно – 2,2 милиони основна плата и уште 1,8 милиони преку бонуси.
Блискоста со Трамп предизвикува контроверзии
Посебно внимание привлекува блискиот однос на Инфантино со американскиот претседател Доналд Трамп.
Во мај 2025 година, Инфантино престојуваше со Трамп на турнеја на Блискиот Исток, поради што два часа задоцни на Конгресот на ФИФА во Парагвај. Во знак на незадоволство, делегацијата на УЕФА ја напушти салата.
Дополнителни критики предизвика доделувањето на ФИФА награда за мир на Трамп, како и прашањата дали блискоста меѓу двајцата е во согласност со обврската на претседателот на ФИФА за политичка неутралност.
Односот повторно се најде во фокусот за време на Светското првенство, кога американскиот репрезентативец Фоларин Балогун избегна суспензија по добиен црвен картон. Трамп јавно изјави дека лично му се јавил на Инфантино и побарал случајот да биде преиспитан. Инфантино, пак, тврдеше дека одлуката ја донело независно тело врз кое тој нема влијание.
Европа против Инфантино, остатокот од светот со него
И покрај контроверзите, позицијата на Инфантино не е без основа. За време на неговото шефување ФИФА оствари рекордни приходи што овозможи поголемо финансирање фудбалски проекти ширум светот и му обезбеди силна поддршка од многу национални федерации.

Една од неговите најзначајни реформи е проширувањето на Светското првенство на 48 репрезентации, а веќе се разгледува и можноста Мундијалот во 2030 година да има дури 64 учесници. За време на неговиот мандат Саудиска Арабија, со чии владејачки структури Инфантино негува блиски односи, ја доби организацијата на Светското првенство во 2034 година.
Но, незадоволството во Европа расте. УЕФА и повеќе национални федерации сметаат дека листата на контроверзни постапки станала предолга, додека критичарите го обвинуваат Инфантино за премногу централизирано и авторитарно управување со ФИФА.
Изборите во 2027 година – најголемиот тест
До неодамна се очекуваше Инфантино без поголеми проблеми да добие уште еден мандат. По последната криза, исходот веќе не изгледа толку извесен.
Изборите за претседател на ФИФА се закажани за пролетта 2027 година во Рабат, Мароко, а Инфантино веќе ја потврди намерата повторно да се кандидира. Новиот четиригодишен мандат би го задржал на чело на светскиот фудбал до 2031 година и, според актуелниот Статут на ФИФА, би бил негов последен.
Потенцијалните противкандидати имаат рок до 18 ноември да ги поднесат кандидатурите, за што им е потребна поддршка од најмалку пет национални федерации.
За разлика од претходните избори на кои Инфантино немаше противкандидат, овојпат трката може да биде далеку понеизвесна. УЕФА и низа национални асоцијации веќе му ја повлекоа поддршката.
Сепак, Инфантино располага со широка мрежа сојузници надвор од Европа. Токму судирот меѓу европското незадоволство и неговата поддршка во другите делови од светот може да го претвори гласањето во Рабат во пресметка не само за претседателската функција, туку и за идниот правец во кој ќе се движи светскиот фудбал.
