Постојната носечка потконструкција, изработена од пластични носачи кои поддржуваа бетонски плочи со тежина од околу 100 килограми по елемент, се заменува со нова конструкција од иноксни профили, соопштија од Град Скопје

Град Скопје соопшти дека спроведува темелна реконструкција на подната фонтана на плоштадот „Македонија“ во Скопје.
Оттаму велат дека се работи за комплексна интервенција, која не подразбира само сервисирање, туку целосно и трајно решение за системот. Додаваат дека се работи за специјализирана опрема произведена во Германија, како и автоматизиран систем кој бара прецизно усогласување и целосно враќање на функционалноста.
Паралелно со сервисирањето на опремата се изведуваат и конструктивни подобрувања.
„Постојната носечка потконструкција, изработена од пластични носачи кои поддржуваа бетонски плочи со тежина од околу 100 килограми по елемент, се заменува со нова конструкција од иноксни профили, проектирана да издржи значително поголеми механички оптоварувања. Со ова трајно се подобруваат стабилноста, безбедноста и долговечноста на целиот систем. Со обновата, фонтаната повторно ќе стане место за средби, детска игра, фотографии, прошетки и убави спомени, враќајќи ја живоста во срцето на градот и повторно претворајќи се во едно од најатрактивните обележја на Скопје“,
соопштија оттаму.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на социјалните мрежи објави и видео од активностите на терен.
Инаку, подната фонтана на плоштадот „Македонија“ во центарот на главниот град беше изградена како дел од проектот „Скопје 2014“, а беше пуштена во употреба во 2015 година, за време на мандатот на Коце Трајановски. Низ годините фонтаната повеќепати беше оштетувана откако во неа пропаѓаа камиони и други тешки возила.
