СДСМ вчера обвини дека владата на Христијан Мицкоски подготвува терен за прифаќање на францускиот предлог и дека за тоа веќе постојат јасни сигнали од Брисел, Берлин и од Париз
„Вчера имавме можност да слушнеме демант од МНР кој всушност не беше демант. Невешт текст кој ништо не демантира. Во него пишува дека СДСМ измислува дека се водат тајни преговори. А, токму министерот за надворешни работи рече дека се водат разговори ‘под радарот‘. Не јас, не СДСМ, туку токму тој“, кажа членот на Извршниот одбор на СДСМ
Изјавите на претставниците на Владата се доказ дека се водат тајни разговори за европскиот пат на државата и дека Владата се подготвува да го прифати францускиот предлог, кој две години го претставуваше како штетен за Македонија. Ова вечерва во гостување на ТВ Канал 5 го соопшти членот на Извршниот одбор и секретар за меѓународна соработка на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Андреј Жерновски, посочувајќи дека ваквите нивни изнесени информации не се шпекулации, туку се темелат на релевантни сознанија, а тоа дополнително го потврдуваат и јавните изјави на дел од владините претставници.

„Вчера имавме можност да слушнеме демант кој всушност не беше демант. Невешт текст кој ништо не демантира. Во него пишува дека СДСМ измислува дека се водат тајни преговори. Токму министерот за надворешни работи рече дека се водат разговори ‘под радарот‘. Не јас, не СДСМ, туку токму тој“,
вели Жерновски.
Со информациите, како што рече, располагаат веќе подолг период и потекнуваат од Брисел. Според него, тоа што вчерашниот демант беше испратен од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, а не од министерот Тимчо Муцунски, претставува кукавичка постапка.
„Требаше самиот министер да демантира. Тоа во политиката се прави кога треба да се затскриете. Да излезеше Муцунски да го кажеше тоа, ќе ги извадеа сите паралелните изјави. Сега изјавите се контрадикторни“,
рече тој.
Според него, стратегија на Владата е како да се прикаже како победа она што до вчера за земјата беше голем пораз и големо велепредавство од страна СДСМ. Затоа додаде дека јавноста денес е сведок на целосен пресврт во владината политика на тема евроинтеграции.
„Тоа е нешто што е сосема спротивно од она што го зборуваа додека беа во опозиција и со што дојдоа на власт и добија гласови“,
кажа Жерновски.
Нагласи дека не станува збор за изолирани изјави, туку за низа потези кои покажуваат дека Владата ја менува својата политика.
„Зошто велам чекорите на Муцунски. Затоа што прво тој излезе со изјава дека ние не сме северномакедонци, туку Македонци и дека не зборуваме северномакедонски јазик, туку македонски. Што е сосема спротивно од тоа што го зборуваат додека беа во опозиција. Потоа кажа дека протоколот не е дел од Преговарачката рамка, нешто што сосема друго тврдеа во опозиција. Тоа беше и една од клучните теми врз основа на што дојдоа на власт. Сето тоа е подготовка на терен за она што вчера го најавивме“,
рече тој.
Посочи дека во целиот процес на евроинтеграции СДСМ не внесува нервоза, туку дека Владата самата ја отвора темата со своите јавни настапи.
„Ние само кажавме што се случува и дека граѓаните треба да бидат подготвени за тоа што следува. Тоа што следува е победа на политиката и визионерството на СДСМ, што не беше лесно да се прави. Тоа беа тешки и непопуларни одлуки, но и одлуки за благосостојба на граѓаните. Ние моравме да ги задржиме младите, тие ни бегаат надвор“,
кажа Жерновски.
Жерновски вчера на прес-конференција пред владината зграда рече дека владата на Христијан Мицкоски подготвува терен за прифаќање на францускиот предлог и дека за тоа веќе постојат јасни сигнали од Брисел, Берлин и од Париз.
„Се подготвува терен за прифаќање на францускиот предлог. Наши информации од Брисел зборуваат дека владата на Мицкоски тоа веќе го договорила и тоа се јасни сигнали што пристигнаа и од Брисел, Берлин и од Париз. Исцрпени се буквално сите обиди и лаги што претходно се обидуваа луѓето од Владата да ни ги продадат. Се сеќавате, сè започна со некакво одложено дејство, па потоа со специјални услови, па потоа дека ќе имаме, нели, за нас некакви посебни договори итн. Најновото што го слушнавме од Мицкоски е дека ќе сме влегле во ЕУ, ама без право на глас. Сето тоа падна во вода и веќе нема простор за нови импровизации“,
рече вчера тој.
Ваквиот план додаде дека е поврзан со она што последно го кажал министерот Муцунски – дека постои таен договор за започнување преговори со Европската Унија.
По обвинувањата на СДСМ, од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНР) соопштија дека институциите редовно и транспарентно комуницираат со земјите членки на ЕУ, меѓу кои и со Бугарија и со другите меѓународни партнери, но дека позицијата на Владата останува непроменета во однос на условите кои земјава ги добива на својот евроинтегративен пат.
„Нема отстапки од националните интереси, идентитетот, јазикот и историјата. Полноправното членство во Европската Унија останува стратешка определба и крајна цел на оваа влада“,
велат од МНР додавајќи дека не постојат ниту некакви тајни договори, како што тврди СДСМ.
