Средната оценка се однесува на трите типа матура и тоа – државна матура, државна стручна матура и државна уметничка матура. Поединечно, средната оценка на државна матура е 3,62, на стручната 3,91, а на уметничката 3,59
Просечната оценка од годинашното полагање на државата матура во јуни изнесува 3,66 – информира денеска на прес-конференција министерката за образование и наука Весна Јаневска. Средната оценка се однесува на трите типа матура и тоа – државна матура, државна стручна матура и државна уметничка матура.

Поединечно, средната оценка на државна матура е 3,62, на стручната 3,91, а на уметничката 3,59.
Министерката за образование и наука вели дека е задоволна од просекот, кој е на речиси исто ниво од лани, кога беше 3,69, за разлика од, како што рече, средната оценка на матурата во 2024 година која изнесуваше 3,26.
„Ценам дека ова се објективни резултати поради подготвеноста на сите вклучени во организирањето на матурата. Годинава по првпат се полагаше по нова Концепција која предвиде три типа на матура – државна, стручна и уметничка, со што, сите ученици се тестираа по материјалот кој реално го изучувале во четирите години на средно образование, што не беше случај во минатото кога сите се тестираа по еден ист материјал“,
изјави Јаневска.
Министерката вели дека дека е намален и бројот на препишувачи. На полагањето во јуни, поништени им биле тестовите на 226 ученици. Дел биле фатени како препишуваат на лице место, а за дел било утврдено дека препишувале откако им се прегледани тестовите. Тие ќе полгаат одново во август.
Директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ), Даниела Јовчевска-Михајловска рече дека по однос на резултатите биле поднесени 805 приговори, а 133 ученици извршиле увид во тестовите.
За полагање на екстерните испити од државната матура во јунската испитна сесија беа пријавени вкупно 14 587 ученици. Од нив, 12 184 беа пријавени да полагаат државна матура, 2 276 ученици за државна стручна матура и 127 пријавени за државна уметничка матура. На полагањето не дошле 348 пријавени или 2,39 отсто.
