Опозицискиот СДСМ ја обвини власта дека си игра со животите на луѓето, оставајќи ги да се трујат до објавувањето на резулатите за водата во Гостивар. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, возвратија дека СДСМ глуми загриженост само за да добие политички поени бидејќи, како што велат, гостиварци пиеле небезбедна вода и во мандатот на претходната власт
Откако министерот за здравство Сашо Клековски соопшти дека анализата за водата во Гостивар ќе биде објавена до 20 август, опозицискиот СДСМ обвини дека граѓаните дотогаш ќе бидат труени со вода за која, како што велат оттаму, власта тврди дека е технички исправна, без да приложи документ со кој може да го гарантира тоа.

„Трујат луѓе со месеци, а резултатите ќе ги кажат дури за две недели. Како тогаш можеа да тврдат дека водата е ‘технички исправна’? Единствен одговор: Затоа што Мицкоски лично рекол дека е исправна. За да се претстави како спасител и да собере евтини политички поени“,
велат од СДСМ.
Опозиционерите обвинија дека власта си игра со животите на луѓето.
„Министерот за полиција Тошковски прави хиперхлорирање и им рече на граѓаните ‘пуштете ја водата да истече’. Директорот Стојанче Ангелов јавно потврди дека има опасна бактерија во водата. А сега ќе чекаме до 20 август да чуеме официјална анализа. Ова повеќе не е неспособност туку свесно труење и целосно немање на одговорност“,
додаваат од опозициската партија.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвинија дека СДСМ глуми загриженост само за да добие политички поени бидејќи, како што велат, гостиварци пиеле небезбедна вода и за време на мандатот на претходната власт.
„Иако тогаш направените анализи, во повеќе наврати во гостиварскиот водовод утврдиле небезбедна вода за пиење и присуство на зголемен број колиформни бактерии, никој од тогашната власт на СДС, ниту Филипче, ниту пак нивните локални коалициски партнери не излегол со предупредување да не се користи водата. За ваквата состојба постојат документи, кои ги споделивме со јавноста и во нив јасно се покажува дека надлежните институции, во време на власт на СДС, располагале со информации за небезбедна вода во повеќе населени места“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Министерот за здравство Сашо Клековски вчеравечер во интервју за Канал 5 рече дека епидемиолошката состојба во Гостивар се стабилизира и најави дека анализата на водата за пиење ќе биде објавена до 20 август.
