Киев и околниот регион вчера беа цел на едни од најсмртоносните напади оваа година, во кои загинаа 17 лица, а најмалку 45 други се повредени
Во Киев денеска е прогласен Ден на жалост по вчерашните масовни руски напади, во кои загинаа 17 лица, а најмалку 45 други се повредени. Информацијата на социјалните мрежи ја објави шефот на регионалната воена администрација на Киев, Тимур Ткаченко.

„Во знак на жалост, државните знамиња на Украина ќе бидат спуштени на половина копје во Киевската Област, а забавните настани ќе бидат ограничени. Искрено сочувство до семејствата и пријателите на починатите“,
напиша Ткаченко во објава на Фејсбук.
Овој напад, додава тој, уште еднаш ја покажува намерата на Русија да води војна против цивилното население, избирајќи терор пред мир. Поради тоа, дециден е Ткаченко, агресорот мора да сноси одговорност за секое злосторство, а светот мора да стори сè за да ја запре руската агресија.
Киев и околниот регион вчера беа цел на едни од најсмртоносните напади оваа година.
