Во текот на утврдувањето на околностите за случајот, како особено важно од Платформата го посочуваат почитувањето на достоинството, правата и безбедноста на пациентката, како и таа во ниту еден момент да не биде изложена на притисок, заплашување или влијание при давањето изјави и споделувањето на своите искуства
Надлежните институции да обезбедат целосно независна, транспарентна и темелна стручна постапка за утврдување на сите околности поврзани со случајот на 19-годишната Станка Михајлова, која по породување со царски рез се соочува со сериозни здравствени последици и моментално е во инвалидска количка.

Вакво е барањето на Платформата за родова еднаквост откако во јавноста беше обелоденет случајот со 19-годишната родилка од Струмица, која остана парализирана по породувањето со царски рез.
Во текот на утврдувањето на околностите за случајот, како особено важно од Платформата го посочуваат почитувањето на достоинството, правата и безбедноста на пациентката, како и таа во ниту еден момент да не биде изложена на притисок, заплашување или влијание при давањето изјави и споделувањето на своите искуства.
„Неопходно е нејзините изјави да бидат дадени слободно, независно и без притисоци, а нејзината здравствена состојба и најдобар интерес да бидат во фокусот на сите постапки. Институциите да постапуваат со највисоко ниво на професионалност, одговорност и емпатија, имајќи предвид дека станува збор за млада жена и мајка која се соочува со сериозна животна ситуација и потреба од соодветна медицинска, психолошка и институционална поддршка. Очекуваме надлежните органи да обезбедат целосно, непристрасно и транспарентно расветлување на случајот, со цел да се заштитат правата на пациентката и да се зачува довербата во институциите“,
велат од Платформата за родова еднаквост, изразувајќи целосна поддршка за родилката.
Пред неколку дена Министерството за здравство покрена итна истрага и вонреден инспекциски надзор во три здравствени установи, по бранот реакции во јавноста за случајот со 19-годишната родилка од Струмица која остана парализирана по породувањето со царски рез.
