„Веќе е изготвен текст на можен договор и сега се доставува до страните“, рече портпаролот на Министерството за надворешни работи на Катар, Маџед ал Ансари
Фокус на посредниците е постигнување краткорочно решение кое би овозможило враќање на САД и Иран на преговарачка маса, но се нагласува дека во моментов нема директни разговори меѓу двете страни
Напорите за изнаоѓање решение за конфликтот меѓу Соединетите Американски Држави (САД) и Иран се во многу напредна фаза, соопшти Министерството за надворешни работи на Катар, од каде што додаваат дека се разменуваат нацрти за можен договор, иако нема директни разговори меѓу Вашингтон и Техеран, пренесува Си-ен-ен.

Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Катар, Маџед ал Ансари потврди дека меѓу страните се разменуваат нацрти за можен договор.
Според него, Катар соработува со сите засегнати страни со цел да се постигне дипломатско решение.
„Можам да потврдам дека напорите продолжуваат и во овој момент. Работиме со сите страни за да го олесниме процесот“,
рече тој.
Посочи дека земјата тесно соработува со Оман во посредувањето меѓу Вашингтон и Техеран, преку размена на идеи и предлози.
„Нацртите постојано се разменуваат. Веќе е изготвен текст на можен договор и сега се доставува до страните“,
кажа Ал Ансари.
Фокус на посредниците, како што додаде, е постигнување краткорочно решение кое би овозможило враќање на САД и Иран на преговарачка маса, но се нагласува дека во моментов нема директни разговори меѓу двете страни.
„Се надеваме дека доколку разговорите продолжат наскоро и ќе можеме да напредуваме кон голем договор кој ќе придонесе за враќање на мирот во регионот“,
изјави портпаролот на катарското МНР.
Порача дека слободната пловидбата низ Ормускиот Теснец мора да биде заштитена согласно меѓународното право, како и дека водниот пат не треба да се користи за политички притисок или еднострани интереси и дека сите идни договори треба да бидат усогласени со засегнатите земји од регионот.
Катарскиот емир, според неговиот кабинет, телефонски разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп за можностите за надминување на разликите меѓу САД и Иран.
Во меѓувреме администрацијата на Трамп изразува оптимизам за постигнување договор околу клучниот Ормуски Теснец, при што американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека има напредок, но сè уште нема конечен договор.
Американскиот министер за финансии Скот Бесент посочи дека можен консензус би можел да биде постигнат денес или утре.
Иран, пак, соопшти дека продолжуваат разговорите со Оман за обезбедување безбедни поморски маршрути низ Теснецот.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Есмаил Багаеи изјави дека разговорите меѓу Иран и Оман, двете земји кои граничат со Теснецот, се насочени кон воспоставување безбедни маршрути за влез и излез на бродови, при што ќе се почитуваат суверенитетот и безбедносните интереси на двете држави.
