До 18 часот се регистрирани вкупно 14 пожари на отворен простор, од кои еден е активен, четири се под контрола, а девет се изгаснати
Пожарот што веќе неколку дена е активен кај кавадарачките села Раец, Ќесендре и Дреново сега е ставен под контрола и во најскоро време се очекува да биде целосно изгаснат
Активен е пожарот во Стопански Двор во скопската Општина Ѓорче Петров, каде што горат сува трева и грмушки, соопштија попладнево од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Оттаму посочија дека пожарот што веќе неколку дена е активен кај кавадарачките села Раец, Ќесендре и Дреново сега е ставен под контрола и во најскоро време се очекува да биде целосно изгаснат.
„На територијата на државата до 18 часот се регистрирани вкупно 14 пожари на отворен простор, од кои еден е активен, четири се под контрола, а девет се изгаснати“,
се вели во соопштението од ЦУК.
Покрај пожарот во Кавадарци, под контрола се ставени и тие во Општина Крива Паланка кај селото Мождивњак, во Општина Тетово кај ресторанот „Сирач“ и во Општина Желино кај селото Горна Лешница.
Изгаснати се три пожари во Општина Чучер-Сандево кај селата Глуво, Мирковци и Кучевишка Бара и по еден во Општина Карпош, кај сервисот „Агромеханика“ на улицата „Скупи“, во Општина Гази Баба во Скопско Поле, во Општина Битола кај Тумбе кафе, во Општина Прилеп кај местото викано Теќе, Во Општина Струга кај селото Лабуништа и во Општина Теарце кај селата Шемшово и Сиричино.
Во текот на денот градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, соопштија дека пожарот во Кавадаречко е ставен под речиси целосна контрола и се очекува да биде изгаснат до вечерва.
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, рече дека пожарот избувнал вечерта на 2 август во атарот на селото Раец. Во истиот момент пожар избувнал на пет други локации кои се оддалечени една од друга на 500 до 700 метри.
Поради тоа, како што вели Јанчев, станува збор за очигледно подметнат пожар.
