Во гостиварската болница, како што велат оттаму, поради неисправната вода, не функционираат стерилизаторите, а блокирани се и хируршките интервенции на повеќе одделенија, меѓу кои ортопедија, гинекологија и урологија
Бараат обвинителството итно да отвори постапка оценувајќи дека случајот претставува сериозно загрозување на здравјето и животите на граѓаните
Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) попладнево соопштија дека поради состојбата со водата пациенти од Гостивар за операции и породување се упатуваат во тетовската болница.

Оттаму посочија дека се нарушени условите за работа во гостиварската болница, каде што поради неисправната вода не функционираат стерилизаторите, а блокирани се и хируршките интервенции на повеќе одделенија, меѓу кои ортопедија, гинекологија и урологија.
„Мицкоски и Клековски ја отруја и болницата во Гостивар. Кризата со водата премина во здравствена катастрофа. Во гостиварската болница сè е блокирано. Здравјето и животите на граѓаните се директно загрозени. Мицкоски и Клековски сè уште одбиваат да ја кажат вистината“,
се вели во партиското соопштение.
Според опозициската партија, сè уште нема официјален документ со кој се потврдува дека водата е чиста, зашто никој не сака да потпише и да преземе кривична одговорност
„Водата беше прогласена за ‘технички исправна‘ само затоа што Мицкоски тоа го рече. Сакаше да изгледа како спасител. Резултатот е дека граѓаните се капеа и ги миеја садовите со вода во која има опасна бактерија“,
додаваат оттаму.
Се наведува и дека обезбедувањето три цистерни вода за град од околу 50 000 жители е недоволна мерка, а одговорноста за состојбата ја лоцираат кај премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Сашо Клековски.
„Сега ја отруја и болницата. Го загрозија целото население. Одговорноста е јасна: Христијан Мицкоски и министерот Клековски“,
велат од партијата.
Од СДСМ бараат обвинителството итно да отвори постапка оценувајќи дека случајот претставува сериозно загрозување на здравјето и животите на граѓаните.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека лицата за кои постои сомневање за најголема одговорност за случајот со загадената вода во Гостивар веќе се лишени од слобода и дека се преземаат сите неопходни активности за целосно расветлување на случајот.
