„Во текот на вчерашниот ден имавме околу 30 пожари на отворен простор. Најтежок пожар што вчера беснееше на територијата на државата е овој во Кавадаречко. Вчера тука дејствувавме со два ‘ертрактори’ и со полицискиот и армискиот хеликоптер. Денес наутро почнавме да дејствуваме со три ‘ертрактори’ кои им помогнаа на локалните пожарникари од Кавадарци овој пожар да биде ставен безмалку под целосна контрола“, изјави директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов
Пожарот во Кавадаречко е ставен под речиси целосна контрола и се очекува да биде изгаснат до вечерва – изјавија денеска градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, давајќи осврт на еден од најтешките пожари во изминатото деноноќие.

„Во текот на вчерашниот ден имавме околу 30 пожари на отворен простор. Најтежок пожар што вчера беснееше на територијата на државата е овој во Кавадаречко. Вчера тука дејствувавме со два ‘ертрактори’ и со полицискиот и армискиот хеликоптер. Денес наутро почнавме да дејствуваме со три ‘ертрактори’ кои им помогнаа на локалните пожарникари од Кавадарци овој пожар да биде ставен безмалку под целосна контрола“,
изјави директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Додаде дека пожарот е исклучително тежок за гасење поради тешко пристапниот терен
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, рече дека пожарот избувнал вечерта околу 21 часот на 2 август во атарот на село Раец. Во истиот момент, пожар избувнал на пет други локации кои се оддалечени една од друга на 500 до 700 метри. Според ова, вели Јанчев, станува збор за очигледно подметнат пожар.
„По пријавите, веднаш се известени ДЗС и ЦУК. Заедно со ОВР Кавадарци и ТППЕ Кавадарци е постапено на терен. Се работеше до доцните ноќни часови, меѓутоа поради недостапниот терен, до кој не може да се пристапи со пешадија, не успеавме вечерта да го санираме комплетно. Утредента продолживме со гасење на пожарот. Ни се придружија и два ‘ертрактори’ кои помогнаа доста во гасењето од воздух. Поради ветровите и високите температури пожарот во текот на вчерашниот ден доста се прошири, некаде околу 7 квадратни километри радиус кој фати во делот на село Дреново, село Раец, околината на Раец и село Ќесендре“,
изјави кавадаречкиот градоначалник.
Јанчев информира дека синоќа заседавал и Кризниот штаб на Општина Кавадарци. Направиле, како што рече, добар план, донеле два булдожера, два ровокопачи и со нив го пресекле пожарот да не може да се движи и се пристапило кон гасење на огнените јазици.
„Од 5 часот утрово имаме голема екипа на терен. Од ТППЕ Неготино имаме четворица пожарникари со едно возило, три ‘ертрактори’ од ДЗС, 10 полицајци од ОВР Кавадарци со теренски возила кои им помагаат на нашите пожарникари. Имаме 12 пожарникари од ТППЕ Кавадарци, пет пинцгауери, три возила, две цистерни за вода од ЈП ‘Комуналец’ и осум џипа. Во гаснењето се вклучи Доброволното друштво од Штип и Неготино“,
додаде Јанчев.
Вели дека целиот обрач на пожарот е опфатен и оти очекува до крајот на денот да биде изгаснат. Во пожарот, додава градоначалникот, нема оштетено ниту имот ниту земјоделски посеви.
