На седницата ќе бидат присутни раководителот на Управувачкиот комитет и министер за внатрешни работи Панче Тошковски, со претставници на сите релевантни фактори поврзани со кризната состојба со водата од градскиот водовод во Гостивар
Попладнево во 15 часот ќе заседава Главниот штаб за кризи во врска со ситуацијата со водата во Гостивар.

На седницата, која ќе се одржи во просториите на Центарот за управување со кризи (ЦУК), ќе бидат присутни раководителот на Управувачкиот комитет и министер за внатрешни работи Панче Тошковски, со претставници на сите релевантни фактори поврзани со кризната состојба со водата од градскиот водовод во Гостивар.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, вчера изјави дека водата од градскиот водовод во Гостивар е технички исправна, но сѐ уште не смее да се користи за пиење и за готвење поради присуство на бактериите Pseudomonas aeruginosa, кои ја прават небезбедна за консумирање.
„Предизвикуваат инфекции на кожата, очите и ушите. Може да доведат до инфекции на уринарниот тракт и белите дробови кај чувствителни лица. Имаат висока отпорност на многу вообичаени лекови и антибиотици“,
изјави вчера Ангелов.
Изјавата на Ангелов уследи по онаа на министерот Панче Тошковски, кој од позиција на раководител со Управувачкиот комитет, на 27 јули од Гостивар кажа дека водата може да се користи за капење.
