На двајцата малолетници од Гостивар им се одземени патните исправи. Третото лице е В.Д.(20) од Скопје, за кого е испратена телеграма до СВР Скопје за понатамошно постапување
Полициските службеници од Одделението за внатрешни работи (ОВР) Гостивар ги идентификуваа лицата што беа инволвирани во насилниот инцидент во Гостивар, соопштија вечерва од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Ова следи откако на социјалните мрежи беше објавено видео од инцидентот, на кое се гледа како едно момче паѓа на земја откако е удрено со клоца во главата. Додека лежи неподвижно, неколку лица продолжуваат физички да го напаѓаат, удирајќи го со дрвена прачка, која се крши од ударите.
Во описот за случајот, од МВР велат вчера во 22:20 часот, 22-годишниот А.В. од Гостивар пријавил дека истиот ден околу 02:30 часот на улицата „Борче Јовановски“, тој и неговиот пријател Л.Е. биле физички нападнати одд три лица, при што употребиле тврди и дрвени предмети.
„За настанот веднаш е известен дежурен јавен обвинител, по чии насоки и во координација со надлежен обвинител, полициските службеници од ОВР Гостивар по преземени мерки и активности ги идентификуваа тројцата учесници во насилниот настан“,
се вели во соопштението од МВР.
Во полициска станица на службен разговор се повикани двајца малолетници од Гостивар, на кои им се одземени патните исправи.
„Третото лице е В.Д.(20) од Скопје, за кого е испратена телеграма до СВР Скопје за понатамошно постапување“,
информираат од полицијата.
Според МВР, во текот на утрешниот ден, осомничените по брза постапка ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка.
