Ваквата изјава на директорот на ДЗС доаѓа по онаа на министерот Панче Тошковски, кој од позиција на раководител со Управувачкиот комитет, на 27 јули од Гостивар кажа дека водата може да се користи за капење

Водата од градскиот водовод во Гостивар е технички исправна, но сѐ уште не смее да се користи за пиење и за готвење поради присуство на бактерии, кажа денеска директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
На новинарско прашање за какви бактерии станува збор, Ангелов дополни:
„Постои присуството на Pseudomonas aeruginosa во водата за пиење. Овие бактерии ја прават водата микробиолошки неисправна и небезбедна за консумирање бидејќи се опасни за здравјето, особено за луѓе со слаб имунитет. Предизвикуваат инфекции на кожата, очите и ушите. Може да доведат до инфекции на уринарниот тракт и белите дробови кај чувствителни лица. Имаат висока отпорност на многу вообичаени лекови и антибиотици.“
На дополнително новинарско прашање дали водата сѐ уште е технички исправна, бидејќи се спомнува бактерија што прави инфекции на кожата, Ангелов повторно одговори потврдно.
„Да, според стручните лица од ʼВодоводʼ Скопје, водата е технички исправна“,
рече тој.
Ваквата изјава доаѓа по онаа на министерот Панче Тошковски, кој од позиција на раководител со Управувачкиот комитет, на 27 јули од Гостивар кажа дека водата може да се користи за капење.
„По повеќекратни испитувања на квалитетот на водата во последниве неколку дена, анализите покажуваат дека водата во Општина Гостивар конечно може да се користи како техничка вода. Што значи тоа? Истата ќе може да се користи за бањање и за сите останати потреби во рамки на домаќинството, но не и за пиење, ниту, пак, за приготвување храна“,
рече тој.
Изјавата на Тошковски може да ја слушнете на следниов линк:
Инаку, Ангелов денеска посочи оти анализите покажуваат дека состојбата со водата е подобрена и дека хиперхлорирањето продолжува и понатаму, но за жал, вели тој – сѐ уште се присутни бактерии кои ја прават неподобна и ризична за пиење. Тој посочи дека денеска се ангажирани три цистерни со пивка и техничка вода за потребите на Гостивар.
„Дистрибуцијата се врши во тесна координација со Општинскиот штаб и за заштита и спасување на Општина Гостивар“,
вели Ангелов.
