Африканската воздушна маса од утре носи екстремно висок УВ-индекс и тропски ноќи, додека во Грција, Албанија и Хрватска покрај пеколните жештини се бележи и сообраќаен колапс поради туристичкиот шпиц
Македонија од утре влегува во критична фаза на екстремно високи температури кои во следните денови ќе донесат вистински летен пекол. Според официјалната прогноза на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), стабилното и натпросечно топло време дополнително ќе се интензивира во деновите што следат. Утре (вторник) максималните дневни температури ќе го пробијат прагот и ќе се движат во интервал од 34 до 40 степени, додека во Скопје живата во термометарот ќе достигне високи 39 Целзиусови степени.
Метеоролозите предупредуваат дека пикот на овој бран се очекува в четврток, кога во најтоплите региони и долж Повардарието температурите ќе надминат 41 степен. Од утре навечер дополнителен проблем ќе претставуваат т.н. „тропски ноќи“ во урбаните средини каде минималните температури нема да се спуштат под 22 степени, како и екстремно високиот УВ-индекс кој ќе изнесува 9. Здравствените власти апелираат од утре максимално да се почитуваат препораките – заштита од директно сонце меѓу 11:00 и 17:00 часот, консумација на многу течности и зголемена будност поради енормно високиот ризик од шумски пожари.
Грција: Жежок бран и битка со огнените стихии на Егејот
За македонските туристи кои моментално се наоѓаат или од утре патуваат кон егејските брегови, состојбата е подеднакво алармантна. Грција во следните денови ќе се соочува со температури околу и над 41 степен, но и со силен ветер кој дополнително ја комплицира состојбата со шумските пожари. Најкритично во моментов е на островот Крит (во регионот на Ретимно), како и во пошироката околина на Атина.
На терен е прогласен највисок степен на тревога, а гаснењето е дополнително отежнато по трагичниот инцидент каде што два противпожарни хеликоптери се судрија при интервенција. На плажите во Халкидики и во Олимписката ривиера во претстојните денови се советува престој под сенка во средината на денот.
Албанија: Пекол на Јонското и Јадранското Море со ризик од пожари
Албанското крајбрежје, кое е една од најпопуларните летни дестинации за македонските граѓани, од утре исто така ќе биде под силен удар на африканскиот антициклон. Во туристичките центри како Саранда, Ксамил, Валона и Драч, температурите во претстојните денови ќе се движат помеѓу 38 и 41 степен, додека во внатрешноста на земјата и во главниот град Тирана живата ќе се искачи и до 42 степени.
Албанските метеоролошки служби издадоа предупредување за многу висок ризик од појава на шумски пожари во јужните предели. На возачите кои од утре планираат да патуваат кон албанските плажи им се советува зголемена внимателност, бидејќи екстремните жештини го зголемуваат ризикот од дефекти на возилата на патиштата.
Хрватска и Црна Гора: Жештина на Јадранот и сообраќаен колапс на границите
На Јадранското Крајбрежје африканскиот антициклон во следните денови носи температури до 40 степени, а во делови од Босна и Србија се очекуваат екстремни вредности и до 45 степени. Покрај топлотниот бран, хрватските власти се ссочуваат и со огромен сообраќаен колапс, особено на границите со Црна Гора.
Долгите колони и повеќечасовните чекања, освен од шпицот на туристичката сезона, во наредните денови ќе бидат дополнително засилени поради имплементацијата на новиот европски систем за влез/излез (EES). Патниците се предупредуваат од утре да не тргнуваат на пат без функционални клима-уреди во возилата и соодветни залихи на вода.
