На видеото објавено на социјалната мрежа Икс е забележан моментот на судирот меѓу двата хеликоптера, по што едниот се запалил и се урнал во шумско подрачје
Како што објави грчки „Катимерини“, спасени се еден грчки и еден британски државјанин, додека загинаа еден грчки и еден дански државјанин
Два хеликоптери ангажирани во гаснењето на шумските пожари во Грција денеска се судрија во воздух, по што се урнаа во близина на областа Псата во регионот Атика, западно од Атина, објави грчкиот весник „Катимерини“.

Според грчките медиуми, загинаа двајца од четворицата членови на екипажите на хеликоптерите од типот „бел“.
„Спасени се еден грчки и еден британски државјанин, додека загинаа еден грчки и еден дански државјанин“,
пренесува „Катимерини“.
Претходно, грчката служба за Итна медицинска помош соопшти дека од местото на несреќата се преземени четири лица, од кои две се со полесни повреди, а две се во бесознание.
Потоа е потврдено дека двете лица што биле во бесознание им подлеглале на повредите.
Инаку, хеликоптерите биле изнајмени од противпожарната служба, а во нив имало по двајца членови на екипажот.
Хеликоптерите полетале од воениот аеродром „Елефсина“.
WATCH: 2 firefighting helicopters collide midair in Greece pic.twitter.com/15HP9DUMwa
— BNO News Live (@BNODesk) August 2, 2026
Во тек е истрага за причините и околностите под кои се случила несреќата.
На видеото објавено на социјалната мрежа Икс е забележан моментот на судирот меѓу двата хеликоптери, по што едниот се запалил и се урнал во шумско подрачје.
Поради пожарите во Грција илјадници луѓе се евакуирани од различни региони. На островот Крит привремено се евакуирани околу 8 000 лица, откако пожарите зафатиле илјадници хектари земја.
Во Централна Грција пред два дена се евакуирани околу 500 лица, главно туристи.
Пожари избувнаа и на островите Парос, Андрос и Калимнос.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис изјави дека земјата се соочува со екстремни временски услови и предупреди дека претстојат тешки денови поради пожарите. Посочи дека силниот ветер, кој наместа достигнува брзина од околу 100 километри на час, значително го отежнува користењето на противпожарните воздухоплови.
