Избори ќе има кога ќе им снема пари, кажа на денешниот брифинг претседателот на СДСМ, Венко Филипче, и додаде дека граѓаните ги очекува тешка економска криза
Говорејќи на актуелни теми, Филипче праша дали некој ги контролира бунарите кај Вардар и Лепенец, кои го дополнуваат Рашче и праша врз основа на што власта оценила дека водата во Гостивар може да се користи како техничка, но не и за пиење
Најави и дека СДСМ ќе поднесе интерпелација за спикерот Африм Гаши за непочитување на Деловникот, како и за министерот Иван Стоиљковиќ за насилничкото однесување во парламентот. Со сите демократски механизми ќе се обидат да го блокираат и предлог-законот за „Скопје 2028“

Дали некој ги контролира бунарите кај Лепенец и Вардар кои го надополнуваат Рашче за Скопје да пие вода, праша денеска лидерот на СДСМ, Венко Филипче, откако скопјани минатата недела видоа како бела пена се влеа од Лепенец во Вардар.
Тој вели дека власта не може да го обвинува СДСМ дека шири паника оти поставуваат легитимни прашања кои ја засегаат јавноста. Обвини за задоцнета и импровизирана реакција и во Гостивар и праша врз основа на што власта оценила дека водата таму може да се користи како техничка, но не и за пиење. Тој посочи дека Комисијата за заразни болести дури сега дава препораки за Гостивар, иако тој порано предупредил на здравствени последици и појава на хепатит А.
„Во мое време немаше ниту епидемија ниту труење. Мицкоски може да мавта колку сака“,
рече Филипче откако премиерот вчера од собраниска говорница зборуваше за загадување на водата во повеќе места и за периодот кога тој бил министер за здравство.
За Филипче, Собранието е претворено во гласачка машинерија
Филипче најави дека СДСМ ќе поднесе интерпелација за работата на претседателот на Собранието Африм Гаши, како и за министерот за локална самоуправа Иван Стоиљковиќ. На Гаши му забележуваат за кршење на собранискиот Деловник во повеќе наврати, а на Стоиљковиќ поради навреди и пцости упатени кон пратениците Фатмир Битиќи и Митко Трајчулевски за време на седницата за владина реконструкција, но и за време на паузата.
Тој посочи и дека инструментот пратенички прашање е сериозно доведен во прашање, како и дека власта режира ситуации за пратеничките прашања да ги одбегне. Вчерашната седница била показател за тоа, рече Филипче, и се пожали дека нивните предлози не стигнуваат за расправа, а Собранието е претворено во гласачка машинерија.
Најави дека партијата ќе ги преземе сите демократски механизми и за блокада на предлог-законот за спроведување на проектот „Скопје – европска престолнина на културата 2028 година“. Тој ја оцени како скандалозна намерата Градот Скопје да основа посебна фондација која при своите набавки нема да биде обврзана да го применува Законот за јавни набавки. Предлог-законот пред два дена беше тргнат од дневен ред со најава дека ќе се разгледува од септември.
Тешка есен, прогнозира Филипче
На новинарско прашање дали ова може да значи најава за „жешка есен“, лидерот на СДСМ кажа дека очекува голема криза од септември – со пад на стандардот на граѓаните и повисоки трошоци. Тој обвини дека власта не презема мерки за контрола на цените.
„Очекувам голема криза. Прво не знаеме како ќе влијае на цената на струјата, има екстремно низок водостој на Дунав. Има кризна состојба прогласено и во Србија и во Унгарија. Унгарија гаси некои нуклеарни постојки за производство за струја поради тоа што нема вода за ладење. Можеби тоа ќе влијае дополнително на цената на струјата тука. Не знаеме како ќе се одвива ситуацијата со војната во Иран, ако тоа не се среди – гледате горивата како растат, никакви мерки нема за граѓаните, јас очекувам голема криза. Кога ќе почне септември, тука се трошоците за школите, нема најава за зголемување на платите, а видете ги и цените во маркетите“,
рече Филипче.
Посочи и дека СДСМ се подготвен за избори, кога и да се случат, иако на новинарско прашање посочи дека партијата не прави ниту анкети на таа тема.
„Мислам дека избори ќе има кога ќе им снема пари“,
вели Филипче.
Филипче не знае за разговори „под радарот“ за ЕУ
Во меѓувреме тој вели дека власта играла на емоција во јавноста преку изјави за враќање на името и во врска со Преспанскиот договор, свесна дека тоа не може да случи. Обвини дека дури сега власта признала дека протоколите не се дел од преговарачкиот процес.
„Што се случи со преговарачката позиција? Што и да беше подобрување на преговарачката рамка ние ќе поддржевме и подготвени сме да поддржиме секое конструктивно решение кое е во согласност со ЕУ. Што се внатрешни гаранции? Јас мислам дека тоа е игранка. ВМРО игра на картата да фрли магла, ниту една земја немала гаранции и тие никој не може да ги испорача, туку има критериуми што треба да се исполнат. Што би била блокадата од Бугарија? Ќе ни го земат јазикот? Историската комисија веќе решила четири личности, таму се гласа со консензус. Треба ли да седиме во место стравувајќи дека нешто ќе се случи?“,
праша Филипче и посочи дека на средба со Кошта и на него му било кажано дека треба да се направат уставните измени.
Тој вели дека не знае за разговори „под радарот“, иако тоа го изјави евроамбасадорот Михалис Рокас говорејќи дека се бара решение за деблокада на патот на Македонија кон ЕУ.
За него, тапкањето во место може да значи и затворање на вратата за Европа, ако земјава не е предвидена во следниот седумгодишен буџет на ЕУ.
Говорејќи и за унгарскиот кредит, првиот човек на СДСМ порача дека власта мора да даде отчет колкава била провизијата и колку од парите се искористени, како и дали тој кредит бил најповолен од тие што се нуделе во тоа време.
