Сите пациенти што се регистрирани во земјава развиле невроинвазивна форма на инфекцијата со зафатеност на централниот нервен систем и биле хоспитализирани
Меѓу заболените има седум мажи и една жена. Шест лица се постари од 60 години, а две се на возраст меѓу 50 и 59 години
Во земјава заклучно со денеска се регистрирани вкупно осум случаи на западнонилска треска, од кои седум се лабораториски потврдени, а еден е класифициран како веројатен, покажува најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Според извештајот, во јули се потврдени пет нови случаи, при што кај двајца пациенти симптомите започнале во јуни, а кај еден во мај. Последниот случај е регистриран во четвртокот минатата недела.

Од вкупно регистрираните случаи, шест се автохтони и се евидентирани во Скопје и Велес, додека еден пациент од Скопје има историја на патување во Грција, но инкубацискиот период опфаќа и престој во земјава.
Меѓу заболените има седум мажи и една жена. Шест лица се постари од 60 години, а две се на возраст меѓу 50 и 59 години.
Сите пациенти развиле невроинвазивна форма на инфекцијата со зафатеност на централниот нервен систем и биле хоспитализирани. Тројца од нив веќе се пуштени на домашно лекување.
Западнонилската треска првпат е регистрирана во Македонија во 2011 година. Во периодот од 2011 до крајот на 2025 година биле евидентирани вкупно 54 лабораториски потврдени случаи, а пет лица починале од последици поврзани со ова заболување.
Инаку, западнонилската треска е вирусно заболување што се пренесува преку каснување од заразен комарец, најчесто од родовите Culex и Aedes. Вирусот природно циркулира меѓу комарците и дивите птици, додека луѓето и коњите се случајни домаќини. Болеста не се пренесува од човек на човек, освен во исклучителни случаи, како што се трансфузија на крв или трансплантација на органи.
Инкубацијата обично трае од три до 14 дена. Околу 80 отсто од заразените немаат симптоми, додека кај приближно 20 отсто се јавува полесна форма со треска. Помалку од еден отсто од инфекциите прераснуваат во тешки невроинвазивни форми, како воспаление на мозокот или мозочните обвивки и парализи, кои можат да бидат и животозагрозувачки.
Како што се вели во извештајот на ИЈЗ, според последните достапни податоци на Европскиот центар за превенција и контрола на болести, заклучно со 22 јули годинава, вирусот на западнонилска треска е регистриран во 35 региони во шест европски земји.

Најпогодена е Италија со 20 региони, по што следуваат Грција со шест, Романија со четири, Македонија со два, како и Шпанија и Франција со по два, односно еден погоден регион.
Шесте земји пријавиле вкупно 81 автохтон, односно локално стекнат случај на инфекција со вирусот на западнонилска треска.
Најголем број случаи се регистрирани во Италија – 46, потоа во Грција – 21, додека Македонија до 22 јули пријавила пет случаи. Во меѓувреме, според најновите податоци на Институтот за јавно здравје, бројот на регистрирани случаи во земјава е зголемен на осум. Романија пријавила пет случаи, Шпанија три, а Франција еден.
Според Европскиот центар, првиот регистриран случај на западнонилска треска кај човек во Европскиот Регион во сезоната на пренос во 2026 година е евидентиран токму во Македонија.
