Финансиската полиција откри дека сопственик на компанија не плаќал законски надоместок за увоз на текстилен отпад, по што сакал да го избрише правното лице за да го прикрие долгот кон државата
Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Гевгелија против еден управител и неговата компанија поради основано сомнение за даночно затајување. Според истрагата, пријавените во периодот од 2024 до 2025 година успеале да го оштетат државниот буџет за износ од 3 852 067 денари или нешто повеќе од 62 000 евра откако свесно избегнале да го пријават и платат законскиот надоместок за отпад од увезен текстил.

Оттаму велат дека првопријавениот Т.Д., во својство на сопственик и управител на правното лице, дејствувал со однапред утврдена намера да се стекне со противправна имотна корист. Постапувајќи целосно спротивно на Законот за управување со дополнителни текови на отпад, тој до Министерството за животна средина воопшто не пријавил ниту уплатил средства за текстилот што неговата фирма го увезувала во текот на двете години.
„Со цел да го прикрие непријавувањето и неплаќањето на законскиот надоместок, првопријавениот на 17.4.2026 година покренал постапка за ликвидација на второпријавеното правно лице пред Централниот регистар на Република Северна Македонија“,
се вели во соопштението.
Истражните органи, сепак, навремено го откриле, по што осомничениот добил кривична пријава за нанесената штета на државната каса.
