Лидерот на ЗНАМ порача дека приоритет на партијата е решавање на реалните проблеми и обезбедување подобра егзистенција за сите, а не само за политичката елита
Заврши ерата во Македонија кога политичарите испраќаа пораки од скапи јахти и меѓусебно се натпреваруваа кој ќе летува во поексклузивно одморалиште, рече лидерот на движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, во изјава за медиумите пред почетокот на денешната панел-дискусија „Европска ЗНАМ, европска иднина, европска Македонија“ што се одржа во Струмица.
Тој вели оти конечно е дојдено време за одговорен пристап и транспарентно давање отчет пред граѓаните и кажа оти политичарите мора директно да ги сослушаат сите видувања на народот, отворено прифаќајќи ги како позитивните, така и негативните критики.

Целта на посетата на Струмица, каде што присуствуваше заедно со дел од партиското раководство, како што посочија од партијата е со непосреден разговор со локалното население да се дебатира за вистинските потреби на луѓето, а фокусот на средбите, како што рече, е насочен исклучиво кон изнаоѓање начини за подобрување на животните услови и обезбедување стабилна егзистенција за секој еден граѓанин, а не само за тесниот круг на политичката елита.
