Сакам да ги информирам граѓаните дека градски воз ќе има, ветивме од 1 септември и од 1 септември ќе оперира. Редовен карго сообраќај на Коридор 10 кој носи најмногу приход на ’Железници’ ќе има, патнички возови за Велес, Гевгелија, Прилеп и Битола ќе има, порача Николоски

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски информира дека била одржана координација по кражбата на електровлечната подстаница Драчево во која беа украдени бакарни жици, шини и прачки, како и други уреди и елементи неопходни за функционирање, со што беше предизвикана штета од околу пет милиони евра.
Во објава на Фејсбук, Николоски вели дека е убеден оти со брза реакција на полицијата, крадците ќе бидат пронајдени и ќе одговараат.
„После тешката штета нанесена од кражбата и уништувањето на енергетската инфраструктура за железница вечерва одржавме координација со директорот на Железница ’Инфраструктура’ Синиша Ивановски и Железница ’Транспорт’ Дејан Кошутиќ. Сакам да ги информирам граѓаните дека градски воз ќе има, ветивме од 1 септември и од 1 септември ќе оперира. Редовен карго сообраќај на Коридор 10 кој носи најмногу приход на ’Железници’ ќе има, патнички возови за Велес, Гевгелија, Прилеп и Битола ќе има“,
порача Николоски.
Од Министерството за транспорт претходно информираа дека е ограбена и целосно уништена подстаницата лоцирана меѓу железничките станици Лисиче и Драчево, со што е предизвикано уништување на значаен дел од електроенергетската опрема на железничката инфраструктура и оти објектот е нефункционален.
„При кражбата биле насилно превртени два големи електроенергетски трансформатори, секој со тежина од над 30 тони. Од трансформаторите било испуштено и истурено трансформаторското масло, додека бакарните намотки и другите вредни компоненти биле целосно отстранети и украдени“,
велат од министерството.
Овој настан, како што посочија од министерството, не претставува само кражба на бакар и опрема, туку тежок напад врз критичната железничка инфраструктура и врз имотот на државата и граѓаните. Оштетувањето на објекти од ваков вид може да предизвика сериозни последици за безбедноста, стабилноста и редовното функционирање на железничкиот сообраќај.
