За време на викендот се очекува стабилно време со умерена облачност, додека од почетокот на следната недела следува краткотрајна дестабилизација, па повторен пораст на температурите

Времето денеска во државата ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност, придружено со умерен до засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде најизразен во источните делови и долж Повардарието.
Минималната утринска температура ќе се движи во интервал од 6 до 16 степени, додека максималната дневна ќе достигне од 22 до 30 Целзиусови степени. Слична временска состојба се очекува и во Скопје, каде ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност и слаб до умерен ветер од променлив правец, а температурата во главниот град ќе се движи од 11 до 28 степени.
Според најавите на синоптичарите, за време на викендот ќе се задржи стабилно време со мала до умерена облачност, а промена на временските прилики се очекува веќе во понеделник, кога се очекува нови врнежи од дожд проследени со локална нестабилност. Сепак, оваа дестабилизација ќе биде краткотрајна, бидејќи веќе од вторник повторно следува стабилизација на времето проследена со позначителен пораст на дневните температури.
