„Инсистираме на доследно спроведување и целосно имплементирање и спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права бидејќи тоа го сметаме како значајно цивилизациско достигнување во денешна Европа“, изјави денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија
Прашањето за непочитувањето на човековите права на Македонците кои живеат во Бугарија е тема која државата континуирано ја актуализира преку својот ангажман во Советот на Европа, рече на денешната прес-конференција во владиниот прес-центар, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски. Тој вели оти Советот на Европа е максимално активен во однос на инсистирањето да се применуваат пресудите од Европскиот суд за човекови права.

Говорејќи за ОМО Илинден-Пирин и други македонски невладини организации во Бугарија, Муцунски појасни дека поради погрешна одлука донесена пред повеќе од 15 години, Македонија, за жал, не е странка во овие постапки, иако имала можност за тоа, но и покрај тој факт, како полноправна членка на Советот на Европа, земјава го користи правото да дава свој придонес и активно ги презентира своите гледишта во Комитетот на министри.
„Инсистираме на доследно спроведување и целосно имплементирање и спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права бидејќи тоа го сметаме како значајно цивилизациско достигнување во денешна Европа“,
рече Муцунски.
Министерот кажа и оти темата за човековите права е особено важна во пресрет на 2028 година, кога земјава ќе го преземе претседавањето со Комитетот на министри на Советот на Европа и дека подготовките за овој процес веќе се започнати, а претстојниот период од година и пол ќе биде искористен за нивно интензивирање.
„Презентираме наши приоритети, разговараме и со земјите коишто биле претседавачи пред нас или ќе бидат по нас, за колку што може повеќе да имаме и координирани приоритети во рамките на тоа претседавање. Така што тоа е еден процес за којшто ние од мултилатерална гледна точка и како институција, но и како држава постојано се подготвуваме“,
заклучи министерот.
