Најчести причини за боледувања се респираторните инфекции на горните дишни патишта и гастроентеритисот, за кои во последната година биле евидентирани повеќе од 10 000 боледувања
Во однос на долгите боледувања, министерот рече дека нивниот број останува релативно стабилен – околу 25 000 годишно, но значително се зголемени средствата што се исплаќаат за нив
Целта е да се воспостави баланс меѓу олеснетиот пристап до боледување и намалувањето на административниот товар за пациентите и здравствените работници, но и зголемување на контролите во областите каде што постои ризик од злоупотреби. Ова го посочи министерот за здравство на денешната работилницата „Зајакнување на управувањето со боледувањата“, која се одржа во Владата, во организација на Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување со поддршка од Светската здравствена организација (СЗО).

На работилницата се разгледуваа и искуства од други земји и можностите за унапредување на системот.
По првпат, како што посочи, се презентирани интегрирани податоци од системот „Мој термин“ за кратките боледувања до 30 дена и долгите боледувања над 30 дена.
Според податоците, Клековски рече дека во 2025 година бројот на боледувања до 30 дена е зголемен за 33 отсто во споредба со 2021 година, која беше година со значителен број боледувања поради ковид-пандемијата.
Во текот на минатата година биле регистрирани повеќе од 300 000 кратки боледувања.
„Бројот на корисници на боледување не е значително променет. Ако имаме 33 отсто зголемување на боледување, имаме шест отсто зголемување на корисници на боледување, односно од 1,8 на 2,3 е зголемен бројот на просечно боледување по осигуреник или по пациент“,
кажа тој.
Најчести причини за боледувања се респираторните инфекции на горните дишни патишта и гастроентеритисот, за кои во последната година биле евидентирани повеќе од 10 000 боледувања.
Во однос на долгите боледувања, министерот рече дека нивниот број останува релативно стабилен – околу 25 000 годишно, но значително се зголемени средствата што се исплаќаат за нив.
„Исплатениот износ е повеќекратно зголемен и тоа беше сигнал дека е потребно да отвориме дискусија од повеќе страни. Правилата за боледување не се ревидирани од 2012 година и по 14 години е потребно да се разгледаат“,
вели министерот.
На работилницата беа презентирани искуства од Европа, како и модели од Србија и Словенија.
Клековски посочи дека во Србија е воведен системот „Е-боледување“, преку кој на едно место се достапни податоците за кратките боледувања од Фондот за здравствено осигурување, а информациите се достапни и за граѓаните и за работодавачите.
Како пример од Словенија, ја посочи новината наречена „Режим на движење“, со која се утврдува што смее, а што не смее да прави лицето за време на боледувањето. Со ова решение е ограничена можноста за вршење друга работа за време на боледување, како и напуштање на државата без медицинска причина и претходно одобрение.
Во случај на утврдени злоупотреби, во Словенија постои можност за враќање на исплатениот надоместок, без разлика дали бил исплатен од работодавачот или од фондот.
„Словенија воведе и уште еден чекор што кај нас не постои – во случај на утврдени злоупотреби се врши враќање на исплатениот надоместок, без разлика дали е исплатен од работодавачот или од Фондот“,
додаде Клековски.
Целта на работилницата е преку поширок дијалог да се утврдат можни решенија за поефикасен, дигитализиран и пофер систем на управување со боледувањата.
