Граѓаните што имаат штета треба да ја пријават кај општинските комисии. Тие ќе направат проценки и ќе ги достават до владата, а ние согласно закон и пракса ќе интервенираме и ќе ги обесштетиме тие кои ќе пријават штета – изјави премиерот
Премиерот Христијан Мицкоски ги повика граѓаните кои претрпеле материјални штети во разорното невреме во вторникот – да ги пријават до општинските комисии, за потоа да може да бидат обесштетени.

„Општините и институциите под општините формираа комисии. Граѓаните што имаат штета треба да ја пријават кај општинските комисии. Тие ќе направат проценка и веднаш во комитетот за проценка на штети ќе ги достават до владата, а ние согласно закон и пракса ќе интервенираме и ќе ги обесштетиме тие кои ќе пријават штета“,
изјави премиерот одговарајќи на новинарски прашања за време на денешната посета на Кавадарци.
Мицкоски апелира граѓаните навремено да ги пријават настанатите штети за да може да се спроведе законската постапка за проценка и обесштетување.
Разорното невреме што во вторникот попладне го зафати Скопје, но и други градови во земјава, предизвика значителна материјална штета. Пријавени се многубројни оштетувања на автомобили, покриви на станбени и јавни објекти, како и голем број паднати дрвја и оштетени семафори. Во невремето има и повредени граѓани.
