Договорот доаѓа среде војната против Иран што ја започнаа САД и Израел, делумно, за да ја уништат способноста на Техеран да развие нуклеарно оружје
Претседателот Доналд Трамп одобри договор со Саудиска Арабија што потенцијално би можел да му обезбеди на кралството капацитет за збогатување ураниум за неговата цивилна нуклеарна програма, објави „Асошиејтед прес“ повикувајќи се на два извори запознаени со ова прашање. Изворите рекле дека договорот би можело да биде објавен уште денеска.
Се очекува договорот да трае 30 години и во развојот на програмата да се вклучат и американските фирми.
Договорот би можел да овозможи изградба на објект за збогатување ураниум во Саудиска Арабија по заедничка студија меѓу САД и Саудиска Арабија.
Но, договорот, кој се очекува да биде доставен до Конгресот на преглед, би можел да се соочи со пречки кај пратениците кои стравуваат дека помагањето на Саудијците да ја исполнат својата долгогодишна желба да го збогатат сопствениот ураниум би отворило нови рунди на нуклеарен натпревар.
Саудиска Арабија е земја-членка на Меѓународната агенција за атомска енергија, агенција со седиште во Виена која промовира мирна нуклеарна работа, но исто така врши инспекции на земјите за да се осигури дека немаат тајни програми за атомско оружје.
Договорот доаѓа среде војната против Иран што ја започнаа САД и Израел, делумно, за да ја уништат способноста на Техеран да развие нуклеарно оружје.
