Од Владата велат дека одлуката за прогласување кризна состојба во Гостивар е со цел побрза координација на институциите, како и ставање на водоснабдителниот систем во функција и обезбедување вода за пиење во најкраток можен рок, со оглед дека, како што се наведува во соопштението, локалната самоуправа не може да се справи со настанатата состојба во Општината
Владата на денешната 195. седница донесе одлука за прогласување кризна состојба во Општина Гостивар во траење до 30 дена поради ситуацијата со водата за пиење.

Одлуката, како што соопштија попладнево од владината прес-служба, е донесена на предлог на Управувачкиот комитет, во чиј состав се министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за здравство Сашо Клековски, министерот за транспорт Александар Николоски и директорот на Дирекција за заштита и спасување Стојанче Ангелов. Надворешни членови на Комитетот, пак, се министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски, директорот на СОЗР, Ивица Томовски, директорот на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов, директорката на Инспекторат за животна средина Ивана Гиновска и претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС).
Од Владата велат дека одлуката за прогласување на кризна состојба во Гостивар е со цел побрза координација на институциите, како и ставање на водоснабдителниот систем во функција и обезбедување вода за пиење во најкраток можен рок, со оглед дека, како што се наведува во соопштението, локалната самоуправа не може да се справи со настанатата состојба во Општината.
„Здравјето на граѓаните на Општина Гостивар останува фокус на Владата и посветени сме кон целосно решавање на овој проблем“,
се додава во соопштението.
Дополнително, од Владата велат оти очекуваат Јавното обвинителство да спроведе детална истрага и да го расчисти случајот. Оттаму посочуваат дека одговорност мора да има за секој што ги ставил во ризик здравјето и животите на гостиварци.
