Иако новите факти несомнено ја зајакнуваат причинската хипотеза, епидемиологот Драган Даниловски оценува дека тие не ја заменуваат целосната епидемиолошка и микробиолошка истрага и целосното утврдување на причината за епидемијата и начинот на кој таа настанала. За ова, како што вели, потребни се податоци за микробиолошките испитувања на заболените, примероци од различни точки на водоводната мрежа, временската динамика на контаминацијата, епидемиската крива, географската распределба на случаите и евентуалното присуство на повеќе причинители
Новите сознанија изнесени од Обвинителството значително ги зајакнуваат заклучокот и оцената дека гостиварската епидемија е поврзана со микробиолошка контаминација на водоснабдителниот систем, а посочуваат и конкретен можен механизам преку кој загадената вода навлегла во системот за вода за пиење – анализира во објава на Фејсбук епидемиологот и професор Драган Даниловски.
Анализата следува откако ОЈО Гостивар синоќа ги објави резултатите од анализата на примероците на вода од градскиот водовод, од кои се констатира дека таа не може да се употребува за ниту една намена.

„Освен што располагаме со временска и просторна поврзаност меѓу заболувањата и водоснабдувањето, го имаме и можниот санитарно-технички механизам на контаминацијата – пренесување површинска вода од отворен канал во затворениот систем за вода за пиење. Во епидемиолошкото каузално (причинско-последично) заклучување, утврдувањето веродостоен механизам има голема тежина. Тоа ја поврзува изложеноста со појавените здравствени последици и ја прави хипотезата за хидрично потекло уште поубедлива“,
пишува Даниловски во анализата.
Епидемиологот додава дека наодот објавен од Обвинителството за присуството на колиформни бактерии во водата е директен показател за санитарна неисправност и за можноста од контаминација, но тој, како што вели, не го идентификува сам по себе конкретниот патоген микроорганизам што ги предизвикал заболувањата кај луѓето.
Иако новите факти несомнено ја зајакнуваат причинската хипотеза, Даноловски оценува дека тие не ја заменуваат целосната епидемиолошка и микробиолошка истрага и целосното утврдување на причината за епидемијата и начинот на кој таа настанала. За ова, како што вели, потребни се податоци за микробиолошките испитувања на заболените, примероци од различни точки на водоводната мрежа, временската динамика на контаминацијата, епидемиската крива,географската распределба на случаите и евентуалното присуство на повеќе причинители.
„По завршувањето на акутната фаза, потребна е сеопфатна стручна анализа на целиот настан. Таа не треба да се ограничи на утврдувањето на непосредниот технички механизам. Треба да ги опфати: управувањето со водоснабдителниот систем, санитарниот надзор, комуникацијата меѓу институциите, раното откривање на епидемијата, времето на донесување на одлуките, информирањето на населението, обезбедувањето алтернативно снабдување со вода, постапувањето на здравствениот систем, нормативните и организациските слабости. Таквата анализа не смее да биде административно оправдување на постапките. Нејзината цел треба да биде учење: што не функционирало, зошто не функционирало и што мора да се промени“,
додава тој.
Епидемиологот се осврнува и на прашањето за одговорноста за случајот која, како што вели, ако се сведе само на три лица, постои опасност да се пропушти пошироката институционална лекција. Дури и ако се утврди индивидуална одговорност, додава тој, остануваат прашањата поврзани со институционалната одговорност.
