„Во контакт сум со директорката на ЈП ‘Комуналец’ и со раководството. Тие во моментов се суспендирани од своите функции. Денес ги очекуваме резултатите и врз основа на тоа ќе постапиме. Не сакам никој однапред да ја преземе вината, но секако не сакам ниту како било да се попречи во работата на надлежните органи“, изјави на денешната прес-конференција градоначалникот на Гостивар
Директорката на Јавното претпријатие „Комуналец“ и дел од раководството на претпријатието се суспендирани од своите функции – објави денеска градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани, откако во Гостивар беше прогласена епидемија поради наглото зголемување на бројот на заболени со стомачни тегоби.

Тој ова го кажа прашан во врска со одговорноста за случајот. Рече дека не чувствува морална одговорност, а дека како мерка ги суспендирал директорката на „Комуналец“ и дел од раководството што е одговорно за водоводот.
„Во контакт сум со директорката на ЈП ‘Комуналец’ и со раководството. Тие во моментов се суспендирани од своите функции. Денес ги очекуваме резултатите и врз основа на тоа ќе постапиме. Не сакам никој однапред да ја преземе вината, но секако не сакам ниту како било да се попречи во работата на надлежните органи“,
изјави гостиварскиот градоначалник.
Лимани на денешната прес-конференција информира дека општинскиот кризен штаб е веќе активиран и дека Советот на Општина Гостивар попладнево во 15 часот ќе одржи вонредна седница на која ќе се дискутира за носење дополнителни одлуки и мерки во врска со новонастанатата ситуација.
„На мој предлог веќе е активиран кризниот штаб од нашата Општина, кој набрзо ќе заседава и секако ќе дава и препораки, но и помош на сите граѓани кои имаат потреба за тоа. Општината ќе објави и телефонски број на кој граѓаните можат да се обратат за помош и снабдување со вода за пиење“,
информира градоначалникот на Гостивар на денешната прес-конференција.
Лимани рече дека локалната самоуправа е во постојана координација и соработка со надлежните институции со цел утврдување на вистината за случајот.
Директорката на ЈП „Комуналец“ Гостивар, Артана Асани, во петокот ги отфрли наводите на МВР за причините за епидемијата која ги погоди гостиварци. За разлика од полицијата, чија теорија е дека „Комуналец“ незаконски поставиле пумпи во корито за истечни отпадни води кои потоа навлегле во гостиварскиот водовод, од јавното претпријатие го тврдат спротивното. Велат дека пумпите биле поставени само за кратка симулација на 25 јуни, работеле неколку часа, а водата потоа била испуштена во Вардар и не влегла во системот за водоснабдување.
