Меѓународните организации за човекови права сметаат дека ова е една од најопасните земји во светот, особено за новинари
Во Хондурас вчера се убиени новинар и снимател на локална телевизиска мрежа во Ла Сеиба – трет град по големина во земјата. Новинарот и снимателот се убиени со истрели од огнено оружје додека ја вршеле својата работа.
Герман Валесил (41), новинар, и Хорхе Посас (27), снимател, кој работел за телевизијата Канал 45, биле застрелани од непознати напаѓачи додека возеле во Ла Сеиба, на 280 километри северно од главниот град Тегусигалпе, соопшти полицијата.
Меѓународните организации за човекови права сметаат дека Хондурас е една од најопасните земји во светот, а особено е опасна за новинарите.
Од 2001 година, во Хондурас се убиени 82 новинари, медиумски работници и сопственици на медиуми.
Властите на Хондурас не се трудат доволно околу истрагите за овие злосторства и повеќе од 90 проценти од нив поминуваат неказнети.