Во текот на бегството, осомничениот од својот автомобил фрлил кеса со дрога која била пронајдена во близина на местото на приведувањето. По налог на јавен обвинител, дрогата е дадена на вештачење, при што е утврдено дека станува збор за марихуана со тежина од еден килограм. Кај осомничениот е пронајдено и ладно оружје
Кривична пријава заработи 24-годишниот косовски државјанин Р.Е. кој пред два дена беше уапсен во Скопје откако претходно на граничниот премин „Блаце“ избегал од царинска контрола, при што со своето возило оттурнал и неколку метри по асфалтот влечел царински службеник.

Од Царинската управа велат дека со ваквите дејствија, косовскиот државјанин го довел во опасност животот на царинскиот службеник кој го запрел за детална контрола. Поради тоа, освен за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, против 24-годишникот од Косово е поднесена кривична пријава и за спречување службено лице во вршење службено дејствие.
„На 15 јули царинските службеници на граничниот премин ‘Блаце’ го застанаа за царинска контрола сега приведениот Р.Е. контролата е извршена од двајца царински службеници, при што лицето е повикано да го отвори багажникот на возилото за проверка. Во моментот кога осомничениот увидел дека еден од царинските службеници ја забележал кесата под совозачкото седиште и посегнал да ја провери, противзаконски влегол во возилото и насилно ја преминал граничната линија, повлекувајќи го царинскиот службеник кој се обидел да го сопре. Повикана е граничната полиција, која заедно со царинскиот службеник, по десетминутна потера, му го пресекла патот и лицето е лишено од слобода“,
информираа денеска од Царинската управа.
Во текот на бегството, осомничениот ја фрлил кесата со дрога која е пронајдена во близина на местото на приведувањето. По налог на јавен обвинител, дрогата е дадена на вештачење, при што е утврдено дека станува збор за марихуана со тежина од еден килограм. Кај осомничениот е пронајдено и ладно оружје.
