„Ако патиштата ги поврзуваат градовите, дата-центарот ги поврзува институциите. Наместо секоја институција да има свои серверски простории со различно ниво на безбедност, државата ќе има едно современо, високозаштитено и енергетски ефикасно место од каде што ќе се обезбедуваат дигиталните услуги во наредните 20-30 години“, вели Андоновски
Се обезбедуваат локација и финансиски модел за проектот што ќе биде основа за владиниот облак, сајбер безбедноста и развојот на вештачката интелигенција, порача министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во телевизиско гостување на МРТ 1. Изработена е и физибилити студија, посочи Андоновски, и нагласи дека не станува збор само за објект во кој се сместени сервери, туку за клучна државна инфраструктура врз која ќе се темели дигиталниот развој на земјата.
„Ако патиштата ги поврзуваат градовите, дата-центарот ги поврзува институциите. Наместо секоја институција да има свои серверски простории со различно ниво на безбедност, државата ќе има едно современо, високозаштитено и енергетски ефикасно место од каде што ќе се обезбедуваат дигиталните услуги во наредните 20-30 години“,
посочи Андоновски.

Фото: Министерство за дигитална трансформација
Претходно и министерот за транспорт Александар Николоски посочи дека со новите законски решенија за урбанистичко планирање и градење надмината е правната празнина и создадена е рамка за изградба на дата-центри во државата. Иако сè уште нема конкретни иницијативи од приватниот сектор, сериозно се размислува за изградба на државен дата-центар со цел, како што рече, заштита на институциите и зголемување на сајбер безбедноста.
„Бевме во една сива зона, ниту беше забрането ниту беше дозволено и сметавме дека е добро да ја уредиме оваа материја. Досега од приватен инвеститор не дошла иницијатива за ваква инвестиција. Се надевам дека ќе дојде во следниот период. Инвестицијата може да е државна и може да е приватна. Мислам дека е паметно за Македонија во идниот период да размислува за една државна инвестиција за да ги заштитиме државните институции. Се сеќавате што се случуваше, на пример, со Фондот за здравство пред некоја година, така што од безбедносни причини мислам дека е паметно за нас како држава да се заштитиме и да имаме систем што целосно го контролира“,
кажа Николоски.
