Додека обвинителите тврдеа дека одржувањето на дотраената конструкција постојано се одложувало и дека предупредувачките знаци биле игнорирани, адвокатите на одбраната катастрофата ја припишуваа на грешка во дизајнот и фактот дека специфичен кабел бил обложен со бетон

Поранешен извршен директор на италијанската компанија за автопати „Autostrade per l’Italia“, Џовани Кастелучи, доби дванаесетгодишна затворска казна поради уривањето на мостот Моранди во Џенова, во август 2018 година, иако обвинителите бараа многу подолга затворска казна за него.
Мостот се урна за време на силен дожд и во екот на туристичката сезона, при што од него паднаа автомобили и камиони. Загинаа вкупно 43 лица.
Кастелучи, кој веќе отслужува шестгодишна затворска казна за сообраќајна несреќа во 2013 година, беше еден од 57 обвинети на судењето во Џенова.
Друг висок функционер за автопатишта, Микеле Донфери Мители, доби 11 години затвор.
Емануел Дијаз, чиј брат Хенри почина при уривањето на мостот, за италијанска телевизија изјави дека е „многу задоволен“ од пресудата, додека Егле Посети, чија сестра и нејзиното семејство беа убиени, рече дека смета дека 12-годишната казна што му беше изречена на Кастелучи е „прифатлива“.

Кастелучи не беше во судницата за да ги слушне пресудите. Поранешниот втор човек во компанијата за автопатиштата, Паоло Берти, доби пет и пол години затвор, што е седум години помалку од она што го бараа обвинителите.
Вкупно, обвинителите побараа 57-те обвинети да добијат 400 години затвор за неодржување на вијадуктот, кој го изгради Рикардо Моранди во 1967 година.
Сите обвинети негираа дека направиле нешто погрешно.
Додека обвинителите тврдеа дека одржувањето на дотраената конструкција постојано било одложувано и дека предупредувачките знаци биле игнорирани, адвокатите на одбраната ја припишаа несреќата на проектантска грешка и на фактот дека еден конкретен носечки кабел бил обложен со бетон.
Трагедијата во Џенова покрена дебата за квалитетот и безбедноста на мостовите насекаде.
