Државниот завод за ревизија изрази неповолно мислење за финансиските извештаи на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ за 2024 година, нотирајќи нефункционална благајна, неплатени даноци и милионски долгови кон општината
Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврди сериозни слабости во финансиското управување и работењето на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ) – Скопје за 2024 година, а како резултат на бројните нерегуларности, ревизорите изразија неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи, како и мислење со резерва за усогласеноста на работењето со законската регулатива.

Ревизијата констатирала дека јавното претпријатие несоодветно ги евидентирало опремата и градежните објекти, во кои спаѓаат паркомати, монтажни конструкции, киоск-системи и друга урбана опрема, а притоа воопшто не била пресметана амортизација на материјалните средства ставени во употреба во текот на 2024 година, што директно влијае врз веродостојноста на финансискиот резултат. Дополнително, ПОЦ немало донесено сметководствени политики, завршните книжења не биле спроведени во законскиот рок, а трговските книги не биле заклучени, што оставило простор за ретроактивни промени.
„ЈП ‘Паркинзи на Општина Центар’ Скопје има искажано побарувања во износ од 80 120 илјади денари односно 1 302 764 евра, од кои 20 414 илјади денари односно 331 935 евра се постари од шест години што претставуваат 25 отсто од вкупните побарувања, за кои не се преземени навремени активности за наплата и не е извршено обезвреднување за оние за кои постои објективен доказ дека претпријатието нема да може да ги наплати“,
се вели во извештајот на ДЗР.
Исто така, при отпис на побарувања во износ од над 2,2 милиони денари од физички лица, не бил пресметан и платен данок на личен доход, со што државниот буџет бил покус за 247 илјади денари. Ревизорите утврдиле неправилности во пресметката и исплатата на платите бидејќи се применувал правилник кој не е усогласен со законите и со Општиот колективен договор за јавниот сектор, додека, пак, благајничкото работење се одвивало надвор од правилата, без интерен акт за управување со готовина, без благајнички дневник и без мерки за обезбедување на средствата, додека внатрешната ревизија била екипирана несоодветно и функционирала без стратешки и годишен план.
„Заклучно со 2024 година, јавното претпријатие има искажано обврски за комунална такса во износ од 86 363 илјади денари односно 1 404 276 евра, кои не се уплатени во Буџетот на Општина Центар, и најголем дел (79 047 илјади денари) се однесуваат на периодот од 2019 до 2023 година“,
соопштија оттаму.
Сериозни слабости се забележани и во спроведувањето на јавните набавки бидејќи во дел од тендерите биле поставувани несразмерни услови за учество, се прифаќале понуди над проценетата вредност без соодветна анализа и обезбедени средства, техничките спецификации биле нејасни, а известувањата за склучените договори доцнеле на електронскиот систем.
