Одземени се шест патнички возила, марки „џип“, „порше“, „фолксваген“, „ауди“, „бе-ем-ве“ и „пасат“, како и еден стан
ОЈО Кочани соопшти дека Лазаров, кој беше во бегство откако избега од полициската станица во Кочани, е спроведен на издржување на мерката притвор
На 41-годишниот кочанец Александар Лазаров, кој се бараше со централна и меѓународна потерница откако избега од полициската станица во Кочани, каде што беше приведен поради сомненија за трговија со дрога, привремено му се одземаат шест патнички возила и стан поради сомнение дека имотот е стекнат со криминална активност, соопштија денеска од Министерството за внатрешни работи (МВР).

„Одделението за внатрешни работи (ОВР) Кочани во координација со Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кочани, покрај доказите за кривичното дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, обезбеди и докази што упатуваат на основано сомнение дека осомничениот располага со значителен движен и недвижен имот стекнат со криминална активност“,
се вели во соопштението од полицијата.
Во таа насока, Основниот суд во Кочани определи привремени мерки за обезбедување на имотот, при што привремено се одземени шест патнички возила, марки „џип“, „порше“, „фолксваген“, „ауди“, „бе-ем-ве“ и „пасат“, како и еден стан.
Кочанската полиција продолжува со преземање мерки и активности за утврдување на законитоста на стекнатиот имот.
Претходно Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кочани соопшти дека Лазаров, кој беше во бегство откако избега од Полициската станица во Кочани, е спроведен на издржување на мерката притвор. Јавен обвинител до Основниот суд во Кочани поднел и барање за привремено одземање на движен и недвижен имот (шест автомобили и еден стан), за кој постои сомнение дека е поврзан со криминална активност.
Обвинителството информира дека на 10 јули била донесена наредба за спроведување истражна постапка против Лазаров и уште едно лице, а се однесува на кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, кое го сториле како соизвршители.
Истрагата е поведена откако при претрес на автомобил кај осомничените се пронајдени осум грама кокаин.
Според Обвинителството, досегашните дејствија упатуваат на сомнение дека станот и шесте автомобили, иако дел од нив биле евидентирани на други лица, фактички биле во владение и на располагање на осомничениот.
Оттаму наведуваат дека вредноста на имотот не соодветствува со неговите законски приходи, што, според обвинителството, го поткрепува сомнението дека станува збор за имот стекнат со криминална активност или имот што служел за прикривање на незаконски стекната имотна корист.
Приведен е Александар Лазаров, кој избега од полициската станица во Кочани, соопшти МВР
Од МВР утрово соопштија дека вчера е приведен Александар Лазаров кој се бараше со централна и меѓународна потерница откако избега од полициската станица во Кочани, каде што беше приведен поради сомненија за трговија со дрога.
Според информации од полицијата тој бил лоциран и лишен од слобода на територијата на главниот град, по што е спроведен во полициската станица „Кисела Вода“ за понатамошна постапка.
Јанев по апсењето на бегалецот од Кочани: Пропустите мора да бидат утврдени, одговорност ќе има
Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев денеска по апсењето на Лазаров рече дека секој што со своето постапување или непостапување придонел за бегството на кочанецот од станицата во Кочани ќе сноси одговорност согласно закон и утврдените процедури.
Бегство на Лазаров од полициската станица во Кочани во саботата го обелодени опозицискиот СДСМ, од каде што деновиве упатија серија обвинувања до МВР, министерот Панче Тошковски и до владејачката ВМРО-ДПМНЕ во врска со случајот.
Ова е возниот парк на Лазарот што е привремено одземен од полицијата:
