Со предложениот план, вкупната бруто-изградена површина изнесува 29.459 м², додека претходните плански решенија предвидувале 43.429 м², вели Герасимовски
Новиот план предвидува 14 000 м² помалку изградена површина, односно намалување од околу 33 проценти во однос на претходните детални урбанистички планови, вели градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, по обвинувањата за нова бетонизација на Водно откако вчера со мнозинство гласови Советот донесе нацрт ДУП за градската четврт Барутана.
Во реакцијата на градоначалникот се наведува дека со предложениот план, вкупната бруто-изградена површина изнесува 29.459 м², додека претходните плански решенија предвидувале 43.429 м².
Тој како неосновани ги отфрли и обвинувањата на ЗНАМ за ерозија и свлечишта и посочи дека наместо факти пласираат бројки извадени од контекст со цел да се создаде страв и да се собираат евтини дневнополитички поени.
„За ваквите тврдења не е приложен ниту еден официјален документ, стручна анализа или мислење од надлежна институција. Наместо факти, повторно се пласираат шпекулации и се шири страв меѓу граѓаните. Да потсетиме, при изработката и донесувањето на Генералниот урбанистички план, врз основа на кој се изработуваат сите детални урбанистички планови, се спроведуваат низа стручни анализи, геолошки, геомеханички и други експертски испитувања со кои се утврдуваат зоните погодни за градба. Токму тие стручни документи, а не политичките квалификации, претставуваат основа за урбанистичкото планирање“,
вели Герасимовски.

Несериозно е, како што вели, и тврдењето дека деталниот урбанистички план се носи во интерес на поединци.
„ДУП не се изработува за една парцела или за еден инвеститор, туку претставува плански документ со кој се уредува просторот во интерес на сите граѓани – инфраструктурата, јавните површини, зеленилото, сообраќајот и условите за квалитетен живот. Доколку навистина имате дилеми, професионалниот и одговорен пристап е одговорите да ги побарате од надлежните институции, а не преку политички конструкции и паушални оценки“,
се вели во реакцијата.
Реакцијата следува по прес-конференцијата на ЗНАМ од каде што обвинија дека со предложениот план се зголемува процентот на градење, но и дека е во спротивност со Генералниот урбанистички план.
„Вчера не се одлучуваше само за уште една урбанистичка точка. Се одлучуваше дали ќе се заштити Водно или повторно ќе се отвори патот за нов бетон. Нашиот став беше јасен. Не може да се носат одлуки за Водно без мислење од надлежните институции за ризикот од ерозија и свлечишта. Не може да се игнорира фактот дека предложениот план отстапува од Генералниот урбанистички план“
кажа Александра Цветановска од ЗНАМ.

Преку соопштение реагираа и од Левица, од каде што порачаа дека е апсурдно да се носат нови урбанистички планови за Водно во услови кога со години јавноста е сведок на предупредувања за свлечишта, прекумерна урбанизација и сериозно нарушување на природната рамнотежа.
„Со изгласувањето на овој нацрт ДУП се отвора можност – приватни инвеститори да добијат градежни дозволи и да ги реализираат своите планови за изградба на луксузни објекти на Водно. Наместо интересот на граѓаните и заштитата на природното богатство, повторно предност добија интересите на капиталот и градежните лобија. Желбите на малкумина моќници надвладеа над потребите на граѓаните“,
велат од Левица.
Вчера реагираа и од „Шанса за Центар“ од каде порачаа дека со новиот нацрт ДУП на подрачје, кое е означено дека е под влијание на ерозија, се планира изградба на уште 25 големи објекти, од кои 24 се приватни куќи – хациенди.
„Ако Галите во стрипот ’Астерикс и Обеликс’ се плашеа ’небото да не им падне на глава’, скопјани и особено центарци треба веќе да се плашат Водно да не им падне на глава. Не може да се задоволи огромниот апетит за разјадување на шумата на планината која треба да го штити градот од поројни поплави и лизгање на земјиште“,
порачаа од „Шанса за Центар“.
Советот на Општина Центар на вчерашната седница со 13 гласа „за“ и девет „против“ даде зелено светло за нацрт-деталниот урбанистички план за градската четврт Барутана.
