За таткото на Вања, Александар Ѓорчески, кој првостепениот суд го ослободи од обвинението за помагање при грабнување на неговата ќерка, Апелација одлучи предметот во овој дел да го врати на повторно судење и одлучување во Основниот кривичен суд Скопје

Апелацискиот суд Скопје ги потврди доживотните казни за Љупчо Палевски-Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев кои беа првостепено осудени за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Во однос пак на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кого Основниот кривичен суд го прогласи за невин за помагање при грабнувањето на ќерка му, Апелација одлучи да го врати предметот на повторно судење.
„Апелациониот суд… ја потврди во осудителниот дел по однос на обвинетите В. М., Б. В., В. К. и Љ. П., каде се огласени виновни за едно кривично дело Убиство од член 123 став 2 точка 1 и точка 7 в.в со член 22 од Кривичниот законик, едно кривично дело Грабнување од член 141 став 2 в.в со став 1 в.в со член 22 од Кривичниот законик и едно кривично дело Убиство од член 123 став 2 точка 4 в.в со член 22 од Кривичниот законик и осудени на казна затвор – доживотен затвор;
– ја укина во ослободителниот дел – по однос на обвинетиот А.Ѓ., за кривично дело Грабнување од член 141 став 2 в.в со став 1 в.в со член 24 од Кривичниот законик, во кој дел предметот го врати пред првостепениот суд на повторно постапување и одлучување“,
соопшти Судот.
Одлуката е донесена по одржана јавна седница на 11 мај и разгледување на сите списи поврзани со предметот, велат од Апелација. Денеска беше објавена на судскиот портал во форма на соопштение.
„Со оглед на обемот на доказниот материјал и сложеноста на предметот, по кој од приемот во судот до донесување на одлуката, активно се постапува и се преземаат неопходните законски определени дејствија, во тек е писмената изработка на одлуката. Јавноста дополнително ќе биде известена за објава на одлуката на Апелациониот суд Скопје по конкретниот предмет која ќе биде достапна во целост на веб страната на судот, согласно Законот за судовите и Законот за управување со движењето на предметите во судовите“,
велат од Судот.
Лани во јуни, четворицата обвинети Љупчо Палевски-Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев добија доживотни казни, откако Основниот кривичен суд ги огласи за виновни за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Секој од четворицата обвинети доби и по десет години затвор за кривичното дело грабнување на Вања Ѓорчевска, додека според судот, Обвинителството не успеало да го докаже грабнувањето на Панче Жежовски.
Тогаш, Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, кој беше обвинет за помагање, Судот го ослободи од обвинение.
„Судот не докажа надвор од разумно сомнение дека ги сторил далата за кои се товари”,
кажа судијата Ивица Стефановски.
Обвинителството се жалеше на ослободителната пресуда што Кривичен ја изрече за таткото на Вања, барајќи и тој да биде осуден за случајот што во декември 2023 година ја шокира македонската јавност.
