„Што се однесува до политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, вчера Судот конечно донесе пресуда која е во согласност на правдата и сето она што претставува очекување на граѓаните. Што се однесува за другиот дел од пресудата и лицето кое е опфатено со другиот дел од пресудата, од она што можев да го прочитам од одговорот на Кривичниот совет при Основниот суд, можам да заклучам дека станува збор за последица од законските измени во Кривичниот законик донесени од претходната влада на СДСМ и ДУИ “, вели Мицкоски
По вчерашната пресуда за случајот „Талир 2“, според која, експремиерот Никола Груевски е ослободен од вина, а за седиштето на ВМРО-ДПМНЕ се одби конфискацијата, коментар денеска даде премиерот Христијан Мицкоски.
На новинарско прашање на темата, Мицкоски денеска од Сарај кажа дека за партијата, пресудата е во согласнсот со правдата.
„Мојот став е многу јасен, ВМРО-ДПМНЕ кога беше предмет на политички прогон и еден вид агресија од страна на претходната Влада, измислија случаи кои не постојат како што се Талир и Талир 2. Вчера конечно Судот, што се однесува до политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, донесе пресуда која е во согласност на правдата и сето она што претставува очекување на граѓаните“,
кажа Мицкоски за време на посетата на Општина Сарај.
Во однос на ослободителната пресуда за експремиерот Груевски, Мицкоси посочи дека тоа е директна последица на измените на Кривичниот законик.
„Што се однесува за другиот дел од пресудата и лицето кое е опфатено со другиот дел од пресудата, од она што можев да го прочитам од одговорот на Кривичниот совет при Основниот суд, можам да заклучам дека станува збор за последица од законските измени во Кривичниот законик донесени од претходната влада на СДСМ и ДУИ и како резултат на тие законски измени, ние кажавме во минатото, многу политички амнестии имаше, но многу политички амнестии и ќе следат. За жал, еднаш кога ќе направите грешка, таа грешка станува правило и ве следи. А што се однесува до најголемата политичка партија ВМРО-ДПМНЕ, можам да кажам дека правдата е задоволена“,
посочи Мицкоски.
Ослободителната пресуда за Груевски дојде во повтореното судење за предметот „Талир 2” за незаконската градба на ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно, за истиот случај, во јуни 2022 година, Кривичниот суд донесе првостепена пресуда со која Груевски беше неправосилно осуден на шест години затвор, додека пак поранешниот генерален секретар Кирил Божиновски доби условна казна.
Во 2024 година, повикувајќи се на измените во членот 353 од Кривичниот законик, донесени во 2023 г. Апелацискиот суд во Скопје ја укина првостепената пресуда и го врати предметот на повторно судење пред Основниот кривичен суд. Со законските измени во меѓувреме, застаре кривичното дело злоупотреба на службената положба за Кирил Божиновски, а постапката продолжи за поранешниот премиер Никола Груевски.
Тие се сомничеа дека заедно во периодот од јули 2012 година до 31 август 2016 година, со повеќе временски поврзани дејства, ја искористиле својата службена положба и овластувања со цел да обезбедат ново партиско седиште и незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ со што за правното лице, политичката партија, прибавиле имот – објект и значителна противправна финансиска корист од 132 573 582 денари. Конфискувана беше и „Белата палата“, која според обвинението е незаконски изградена.
