Судот ја прогласи поранешната прва антикорупционерка за виновна за оддавање службена тајна – дело за кое ѝ утврди казна затвор од осум месеци, како и за компјутерски фалсификат – за што ѝ е утврдена казна затвор од шест месеци. За двете дела е изречена единствена казна затвор од една година, која нема да се изврши доколку обвинетата во наредните три години не стори ново кривично дело
Основниот кривичен суд Скопје изрече условна затворска казна од една година за поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, обвинета за кривичните дела оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат.

Судот ја прогласи поранешната прва антикорупционерка за виновна за одавање службена тајна – дело за кое ѝ утврди казна затвор од осум месеци, како и за компјутерски фалсификат – за што ѝ е утврдена казна затвор од шест месеци. За двете дела е изречена единствена казна затвор од една година, која нема да се изврши доколку обвинетата во наредните три години не стори ново кривично дело.
Според утврдените докази на Обвинителството, Димитровска во текот на 2024 година преку апликациите Вибер и Вацап оддала податоци за текот на постапувањето по повеќе предмети во ДКСК. Податоците ги испраќала на поранешниот директор на ТЕЦ „Неготино“, Небојша Стојановиќ, кој сега е обвинет во случајот „Адитив“. Судот утврди и дека Димитровска свесно го заобиколила безбедносниот систем за добивање сертификат за пристап до класифицирани информации со степен „Државна тајна“. На ревизорот Миле Столевски му ги испратила своите корисничко име и лозинка за порталот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, а тој со ИП-адреса во Скопје го полагал тестот во нејзино име, помагајќи ѝ да се стекне со безбедносниот сертификат.
На Столевски, кој е обвинет за кривичното дело компјутерски фалсификат, му е изречена условна казна од шест месеци доколку во рок од две години не стори ново кривично дело. Tретообвинетата Билјана Петровска-Мантева, раководителка на Секторот за финансиски и комерцијални работи во АД ЕСМ – подружница РЕК „Битола“, е ослободена од обвинението бидејќи јавниот обвинител не докажа надвор од разумно сомневање дека го сторила делото оддавање службена тајна.
Странките имаат право на жалба на пресудата до Апелацискиот суд во рок од осум дена.
Јавната обвинителка Наташа Поп-Трајкова по објавувањето на пресудата изјави дека Обвинителството е задоволно од осудителниот дел, оценувајќи дека теоријата на случајот и презентираните докази биле успешни. Во однос на изречените условни казни, Поп-Трајкова одговори дека очекувала ефективна казна во рамките на законските граници, посочувајќи дека конечниот став за жалба ќе биде донесен по хиерархиско реферирање на предметот до јавниот обвинител Фатхи Азизи.
