ДУИ тврди дека пратениците на Влен не можат да ги застапуваат интересите на Албанците додека истовремено гласаат за унапредување на политичар кој јавно покажал навредливи и непријателски ставови кон Албанците

Вербалниот напад врз Арбана Пашоли е огледало на политичкиот менталитет на Владата без етнички легитимитет, велат од Демократската унија за интеграција (ДУИ). Реакцијата доаѓа по, како што наведуваат, вербалниот напад на Иван Стоилковиќ врз нивната пратеничка. Од партијата посочуваат дека овој настан не е случаен инцидент, туку „вистински одраз на политичкиот менталитет“ на владината коалиција составена од ВМРО-ДПМНЕ, Влен и ЗНАМ.
Од ДУИ реагираат на новото назначување на Стоилковиќ во министерски ресор, нагласувајќи дека неговото унапредување не придонесува за меѓуетничкиот дијалог.
„Скандалозно е што лице со историја на отворени антиалбански изјави, кое до вчера ја извршуваше функцијата заменик-претседател на Владата задолжен за односи меѓу заедниците, денес е наградено со уште поважен министерски ресор. Ова не е промоција на меѓуетничкиот дијалог, туку промоција на политика на потценување, навреди и конфронтација“,
се вели во партиското соопштение.
Од партијата велат дека уште поскандалозен е фактот што ова унапредување е овозможено со гласовите на пратениците и пратеничките на Влен.
ДУИ тврди дека пратениците на Влен не можат да ги застапуваат интересите на Албанците додека истовремено гласаат за унапредување на политичар кој јавно покажал навредливи и непријателски ставови кон Албанците.
Од партијата потенцираат дека нивниот молк пред ваквите појави претставува политичко соучесништво.
„Денес вербално беше нападната една албанска пратеничка. Утре, со истата логика, ќе биде нападнат секој глас што не ѝ одговара на оваа влада. Затоа, ова не е само прашање на Арбана, туку прашање на достоинството на секоја жена во политиката и на достоинството на политичкото претставување на Албанците“,
додаваат од ДУИ.
Од партијата изразија целосна солидарност со пратеничката Арбана Пашоли и бараат итна политичка одговорност.
„Премиерот не смее да молчи пред вакво однесување, бидејќи молчењето значи одобрување“,
велат од ДУИ.
Тие побараа одговор од Владата дали говорот на омраза и понижувањето на пратеничките ќе станат нов стандард на нивната политика.
Вчера, во знак на револт поради тоа што не добија извинување од кандидатот за министер Иван Стоилковиќ, пратениците на СДСМ , ДУИ и Алијансата за Албанците ја напуштија седницата на која се бираа новите предлози за министри. Опозициските пратеници реагираа откако по паузата и координацијата со собранискиот спикер Африм Гаши било договорено, како што рекоа, да се донесе заклучок во кој ќе се осуди начинот на кој Стоилковиќ се однесувал и ги навредувал.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, на прес-конференција соопшти дека кандидатот за министер за локална самоуправа Иван Стоилковиќ за време на расправата за предлогот за реконструкција на Владата упатил навреди кон двајца нивни пратеници, Фатмир Битиќи и Митко Трајчулески.
Дополнително, рече дека е доволно да се видат двете реплики на премиерот Христијан Мицкоски, кој, како што додаде, се обраќа кон пратениците како „мизогени“ и како „палири“.
Оцени дека јавноста е сведок на огромна нервоза во моментите кога се говорело за, како што додаде, дебаклот и неуспесите на извршната власт во изминатите две години. Тоа, според Спасовски, претставува говор на омраза што може да роди насилство.
„И тоа што следеше по прекинување на седницата беше вистински напад, не само вербален од страна на кандидатот за министер Иван Стоилковиќ, кој се нафрли врз двајцата пратеници, не само физички, вербално, туку и со пцости. Мислам дека тоа не доликува на кандидат за министер, кој треба ова Собрание да го избере“,
рече тој.
Синоќа, на крајот на расправата во Собранието, премиерот Христијан Мицкоски се извини за случувањата во Собранието, изразувајќи надеж дека такви настани нема да се повторат.
