Филмската проекција и музичко-поетскиот перформанс се на програмата денеска, додека камерниот концерт „Неочекувани поврзувања: Класичната музика и светот на тангото“ е на утрешната програма
Целата програма на „Скопско лето“ може да ја погледнете ОВДЕ
Вечерва, со почеток од 20:15 минути, во Кинотеката на Македонија ќе биде прикажан филмот „Хај фај“ (1987 година) во режија на Владимир Блажевски, а по текст на истоимената драма на Горан Стефановски.
Речиси во исто време, во 20:30 часот, но во Музејот на Град Скопје, ќе се одржи мултимедијалниот музичко-поетски перформанс „Културна кауза“. Станува збор за проект на домашниот музичар и продуцент Никола Стојковски (ФИН Проект) и негови соработници.

Утре, во недела 12 јули, ќе се одржи камерниот концерт „Неочекувани поврзувања: Класичната музика и светот на тангото“. Настанот првично беше најавен дека ќе се одржи во Сули ан, но на фејсбук-страницата на „Скопско лето“ вчера соопштија дека поради најавите за можно невреме, концертот се префрла на затворено – во Музејот на македонската борба со почеток од 20:30 часот.

Го организира Институтот ФЕЈМС. Концертот е дел од јулската концертна серија на институтот, а ќе го води виолинистот Веско Ешкенази, концерт-мајстор на Кралскиот оркестар „Концертгебау“ во Амстердам, и бандонеонистот Стојан Караиванов, првиот бугарски музичар кој свири на класичен аргентински бандонеонски систем. На сцената ќе настапи и пијанистката Викторија Бојанова. Програмата опфаќа дела од Моцарт и од Менделсон, како и композиции од Астор Пјацола. Преку спојот на класичната музика, тангото и филмската музика се истражуваат врските меѓу традицијата и современиот музички израз.
Концертот претставува завршен настан на шестдневната едукативна програма на Институтот ФЕЈМС, во чија рамка млади професионални музичари од повеќе европски земји, под менторство на Ешкенази и Караиванов, работат на избраниот репертоар и стекнуваат практично искуство за настап на професионална сцена
